Македонија
7. August 2022 - 16:28

Ајварот станува луксуз

Ајварот годинава ќе биде луксуз. Метар кубен дрва се продава за 4 500 денари, зејтинот скокна на 150 до 170 денари, а неизвесна е и цената на ајварската пиперка. Штипјани велат дека ретко кој ќе може да си дозволи да го приготви овој кулинарски специјалитет.

-  Ќе прават некои што имаат, ама не е како порано да има за сите. Сега се прави селекција, кој има, има, а тие што немаат не може ни сега да си купи патлиџани, ако зема пензија 9 000 денари, што ќе направи.

- Не се сите со исти примања. Има некои со мали, а некои со високи примања. Тие што немаат ќе си глеаат само сеир.

- Не, зашто нема пари. Дрвата се качија, се се покачи, што ќе правиме. Земаме колку да прежевееме.

Производителите на пиперки пак тврдат дека родот годинава ќе биде со одличен квалитет, а цените ќе останат приближно како лани.

- Ние имаме садено ајварски и јас мислам дека пиперките нема да бидат скапи и нема да има толкава бојазност од цената на пиперките отколку на зејтинот, изјави производител на ајварски пиперки.

Минатата година за приготвување на една тегла ајвар беа потребни 170 денари, а се продаваше по цена од 300 денари. Килограм ајварски пиперки чинеа 50, а зејтинот 70 денари.