Ахмети: Прашање на време е кога ќе се промени државната химна, се разговараше и за грбот и знамето
Промена на сите три државни симболи: Знамето, грбот и химната било разговарано меѓу лидерот на СДСМ Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети при тоа промената на државта химна „Денес над Македонија се раѓа“ е речиси извесна и прашање на време. Ова во интервју за македонски Клан го објави лично Ахмети.
-„Се разговарало и за химната и за грбот и за знамето. Овие се прашања за кои е потребен консензус, но ова повеќе ќе зависи од договор помеѓу Македонците. Што се однесува на химната, се разговарало и нема којзнае какво противење и тоа е повеќе прашање на време и мислам дека може да се разговара без резерви“.
За информациите на Ахмети, Сител побара став и од Владата и од владејачката СДСМ, но не добивме одговор дали е разговарано за овие прашања, во која насока е договорена македонската химна и кога може да се очекуваат законските измени за државните симболи.
Промената на државните симболи ДУИ ја заговара повеќе години коментирајќи дека со знамето, химната и грбот треба да се поистоветуваат и Албанците, а не само Македонците бидејќи тоа е во духот на Охридскиот договор.
Македонија по осамостојувањето го промени државното знаме како првична отстапка во спорот со Грција. Државниот грб пак, чекаше децении пред да биде променет иако на него беа се уште симболи од социјалистичкото уредување. Решението се најде во отстранувањето на петокраката од пејжот на грбот иако се заговараа и други промени кои неа прифатени токму од албанскиот блок.
Веднаш по потпишувањето на Преспанскиот договор, пак, имаше ситуации кога химната се интонираше на државни настани без текстот.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар