Македонија
14. July 2016 - 8:47

АЕК ќе ги презентира резултатите од проектот „Универзална услуга“

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) денеска ќе ги претстави регулаторните активности и мерки за остварување на услугите опфатени со проектот „Универзална услуга“ за кој пред пет години на јавен тендер избра  две компании за даватели на услуги на територијата на Република Македонија. 

- Преку договорите склучени со овие даватели, Агенцијата се погрижи сите граѓани да имаат пристап до електронските услуги со еднаков квалитет, независно од местото на живеење, соопшти АЕК која пред медиумите денеска  ќе ги презентира резултатите од давањето на сите видови услуги кои досега беа опфатени со универзалната услуга. 

Договорите на давателите на услуги истекуваат во декември 2016 и во март 2017 година. АЕК во печатените медиуми и на својата веб-страница објави Намера за распишување нов јавен тендер за избор на еден или повеќе даватели на универзална услуга. 

- Со цел подобрување на квалитетот и транспарентноста во својата работа, оваа намера е објавена на јавна расправа од 30 дена, по што сите релевантни забелешки, коментари и предлози ќе бидат земени во предвид во подготовката на тендерот за избор на еден или повеќе даватели на универзална услуга, информира АЕК.

Агенцијата за електронски комуникации годинава првпат со јавен тендер ќе определи еден давател на широкопојасен интернет како дел од универзалната услуга, кој ќе има и обврска да обезбеди поврзување на краен корисник на фиксна локација со јавна комуникациска мрежа.

На овој начин, посочува АЕК, ќе биде обезбеден пристап до интернет поприфатливи цени за сите домаќинства кои досега немаа можност да се поврзат на интернет со некоја од достапните технологии.