Бизнис
7. April 2022 - 16:34

Администрацијата излезе од канцеларија на два часа, од понеделник штрајк и во образованието

Празни шалтери и канцеларии. Ова беше денешната слика во повеќе институции низ државава.  Над 13 илјади вработени во државните управи, агенциите, министерствата, судовите,  општините, наместо на работните места, два часа од 10 до 12 протестираа пред вратите на институциите. На овој начин тие го изразија револтот,  затоа што владата немала слух за нивните барања - да нема вработен со плата под 18 илјади денари,  но и скалесто да се зголемат и останатите примања. Велат повеќе од 10 години нивните плати се далеку од достоинствени.

И вработените во образованието не успеаа да се договорат со Владата за зголемување на платите согласно минималната. Од понеделник влегуваат во генерален штрајк.

Од владата пак велат дека не е добро што прво се најавуваат и организираат протести и штрајкови, па потоа да се преговара.

И утре во истото време од 10 до 12,  вработените во државната админстрација повторно ќе излезат на протест. Ако и по овие два дена немаат одговор од владата, ќе разговараат со членството за тоа кои ќе бидат идните чекори кои ќе ги преземат.