Македонија
30. March 2018 - 17:45

Адеми: Образованието е основа на општествениот и регионален развој

Заменик министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска се обрати на четвртата годишна конференција на Асоцијацијата на балканските универзитети, која во следните два дена ја организира Универзитетот во Тетово, а посветена е на соработката помеѓу високо образовните установи и културната размена како основа за одржлив развој на земјите од Балканскиот полуостров.

Осврнувајќи се на важноста од постоењето на Асоцијацијата на балканските универзитети, Адеми рече дека тоа е една од клучните организациите преку кои може многу да се придонесе во остварувањето на целта - подигнување на квалитетот на образованието кое се нуди на Балканскиот полуостров.

- Високообразовните установи кои членуваат во Асоцијацијата имаат конкретна визија и јасно дефинирана платформа на активности. Но, тоа не значи дека еднаш дефинираното не треба да се менува. Напротив, затоа се организираат овие конференции, состаноци и дебати, за да се разменат мислења и искуства, да се увиди потребата од дополнување и од евентуална корекција на правецот на делување, доколку постојат и промени на тековите на глобалниот образовен простор, потенцираше Адеми.

Од оваа конференција, како што додаде тој, очекува да произлезат многу заклучоци по однос на предизвиците, по кои, како што нагласи, заедно ќе постапуваме во периодот што следи и на следната конференција ќе ги сумираме позитивните резултати.

талат џафери

На конференцијата се обрати и претседателот на Собранието на РМ Талат Џафери, истакнувајќи дека универзитетите се лулка на знаењето и на иднината. 

- Преку создавањето на заедничките истражувачки мрежи, преку библиотеките и истражувачките центри во различните области, како што се јазикот, културата, науката, историјата, економијата, образованието и спортот, се развива интеркултурен дијалог, а дијалогот е суштински. За постигнување на каков било успех, во која било област, над се, треба да има дијалог, рече Џафери.

Посакувајќи оваа Асоцијација на балкански универзитети да има успех во својата мисија, континуитет и пошироко членство, Џафери рече дека автономијата и значајната улога на универзитетите треба да се почитува од власта и од државните институции, а универзитетите мораат да се развиваат  во ефективни партнери на глобалниот развој, било да се работи на домашно, регионално или светско ниво.