Македонија
5. July 2022 - 17:01

65% раст на бројот на Ковид позитивни

Над 23 проценти од вчера тестираните имаат позитивен тест на Ковид-19. Поалармантни се бројките од неделниот извештај на ИЈЗ – од 27 јуни до 3 јули дури за 65 проценти е зголемен бројот на нови случаи во споредба со претходниот период. Но од друга страна засега многу мал број од заразените завршуваат во болница.

На Инфективна во моментот има само 12 хоспитализирани поради компликации од вирусот и дел од нив се невакцинирани а дел со повеќе хронични заболувања.

- Бројките се уште не се толку високи за да зборуваме за исполнување на болничките капацитети. Сепак, како што расте бројот на новозаразени така ако пред неколку недели имавме 4 сега има 12 ходпиталзиирани, ако сме имале по 5 сега има дваесетина прегледи во амбулантите.

Може само да се надеваме дека бројките нема да бидат како ланската година и дека нема повторно да ги ставиме сите капацитети на Инфективна за Ковид, вели д-р. Милена Стевановиќ директор на Клиника за инфективни болести.

Во голем број европски земји има драстичен скок на новозаразени а некои најавуваат и враќање на дел од мерките. Други, пак, не гледаат спас во рестрикциите после три лета со Ковид туку решението е вакцинацијата и најавите за четврта доза.

- Не можете после три години повторно да наметнувате затворање, носење на маски или дистанца иако тоа е наевтиниот лек. Сепак, вакцинацијата е решението, превенцијата која може да стави крај на пандемијата со Ковид-19, вели Стевановиќ.

Во Македонија стапката на вакцинација е далеку од европскиот просек и неделно пунктовите за имунизација ги посетуваат едвај сто граѓани од кои повеќето се за бустер доза.