Македонија
31. October 2022 - 10:47

442 санкции за брзо возење

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден спроведе засилена акциска контрола на територијата на Република Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, соопшти портпаролот на МВР, Гоце Андреевски.

Како што информираше Андреевски, санкционирани се 442 возачи. Од нив 45 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 213 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 229 надвор од населено место.

- Засилените акциски контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, кажа портпаролот Андреевски.