Македонија
6. August 2015 - 16:26

43 бебиња ги примија првите дози од шестовалентите вакцини

За два дена 43 бебиња беа заштитени од дифтерија, тетанус, хепатит и менингит само со едно инјектирање. Почна примената на шестовалентните вакцини. Кај ниту едно од новороденчињата не е пријавена несакана реакција. Зголемена температура или оток кои беа својствени за досегашните вакцини, според педијатрите сега се сведени на минимум. Наместо 13 ќе има 7 боцкања.

Тоа дава простор за воведување нова вакцина, пнеумококната, сега е по избор, меѓутоа со тенденција понатаму да биде ставена редовно во календар. Сето ова, укажа таа, веруваме и се надеваме ќе ги охрабри оние родители кои се плашеа и беа скептични околу вакцинирањето бидејќи докажано е дека со вакцината постигнуваме колективен имунитет и стабилен епидемиолошки статус, изјави Татјана Баевска Вучковиќ директор на Здравствен дом Скопје.

Новороденчињата по излегување од родилиштата ќе стартуваат со шестовалентни вакцини. Оние кои веќе примиле одредена доза ќе почнат со петовалентни чија употреба е најавена за септември.

-Значи секој тим кој работи во советувалиштата е запознаен со календарот на имунизација и согласно возраста така ќе продолжи со петовалентна или шестовалентна вакцина. 43 бебиња кои ја примија шествалентната вакцина по шест недели ќе продолжат со вакцинирање редовно по календар, како што е пропишано по правилникот за имунизација, изјави Баевска 

Шестовалентните вакцини веќе се дистрибуирани до советувалиштата во државата. Пред еден месец имаше и едукација на превентивните тимови за нивната правилна употреба.