Бизнис
22. May 2016 - 16:38

4 милиони евра е досега пребројната директна штета за граѓаните од шпекулациите на СДСМ

Шпекулациите за сериозно намалување на вредноста на денарот и паниката која следеше ги чинеа граѓаните и стопанството околу 4 милиони евра.

Народната бнака пресметала дека загубите на штедачите заради предвремено повлекување на орочените денарски заштеди во април изнесуваат 217 милиони денари или над 3,5 милиони евра. Дополнително, трошокот за повторно префрлање на овие пари од евра во денари ќе чини 23 милиони денари или над 400 илјади евра.

Масовното повлекување на денарски заштеди беше последица од ширење гласини за дестабилизација на домашната валута.  Како резултат на тоа во април НБРМ евидентираше екстремен случај на нето откуп на девизи од физички лица каков што досега не е забележан. За да ја смири состојбата на пазарот беше принудена да донесе неколку мерки за дестимулирање на купувањето девизи, вклучително и зголемување на основната каматна стапка.

Состојбата од тогаш се стабилизира.

Уште една вест од важност за штедачите е повикот од Фондот за осигурување депозити до лицата кои штеделе во Македонска банка да си ги земат парите кои им следат како отштета.

Фондот апелира штедачите од банката во ликвидација да ги подигнат потврдите за сопственост на депозитите од просториите на банката и потоа да се обратат до Фондот.

Вкупното обесштетување на штедачите на Македонска банка изнесува 21,1 милиони евра. Од нив, фондот досега исплатил 18,8 милиони евра на 18.193 штедачи во висина до максималната законска рамка од 30 илјади евра по поединечно лице депонент .

Преостанатите пари, според Фондот, се на штедачи со помали салда во ликвидираната банка, но и за помала група штедачи кои во неа чувале поголеми износи на пари, а до денес не се изјасниле за начинот на располагање со средствата на име обесштетување кои ги побаруваат од Фондот.

Македонска банк, некогашната четврта најголмеа банка во земјата, беше ликвидирана во 2007 по налог на тогашниот гувернер Петар Гошев. Во неа штедеа над 151.000 правни и физички лица.