Македонија
23. September 2020 - 12:23

3Д киното во Битола подготвено да стартува со работа

Од октомври ќе започне со работа 3Д киното во големата сала на Центарот за култура Битола кое изминатиов месец функционираше како летно кино со ограничен број на посетители и репертоар. Но освен киното кое ќе функционира со 30% од капацитетот согласно протоколите во затворен простор, соодветно ќе ги испланираат и настаните за одбележување на 40-годишниот јубилеј. 

-Очекувам киното веќе од почеток на месец октомври да се врати во својата сала. Ние имаме капацитет од 840 седишта, но со новите протоколи Центарот за култира ќе може да прифати само 250 гости. Протоколот за кино ќе биде ист како и останатите, мерење температура, дезинффекција, имаме своја билетара, купивањето билети ќе биде со дистанца. Киното прво ќе започне со работа, ние имавме многу планирани анстани до крајот на годината, ќе гледаме повеќето да ги реализираме, но се зависи од ситуацијата. Сепак е 40-годишнина од постоењето на Центарот за култура, ќе гледаме достојно да го одбележиме со настани, изјави МАЈА АНДОНОВСКА ИЛИЈЕВСКИ, ДИРЕКТОР НА ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА БИТОЛА.

Битолчани најмногу се интересирале за тоа кога ќе започне со работа киното.

-Верувам дека навистина киното најмногу им недостига, посебно на најмладата публика, долго време бевме ставени во мирување и на вистинските љубители на уметноста тоа навистина им пречеше и со нетрпение очекуваа да започнеме со работа. Ние цело лето работиме по тие протоколи кои станаа ново нормално за нас, изјави Андоновска Илијевски.

Владата вчера донесе одлука во согласност со која театрите, кината, операта и балетот ќе работат според Протоколот за организирање настани.