32 години независна Македонија
Оспорувања, блокади, ембарга, воен конфликт. Македонија скапо ја плаќаше својата независност во изминативе три децении. И денес, точно 32 години по осамостојувањето, земјата се уште е во премрежија. Преспанскиот договор и промената на името ни ја отвори врата кон НАТО, но ЕУ остана далечна цел поради блокадата на Софија. Македонија пак е ставена на крстосница. Во 21 век повторно се бараат гаранции за идентитетот, јазикот, културата. Иднината на земјата заглави во историјата и минатото разгорувајки ги старите дилеми дали сме на навистинскиот пат. Повозрасните транзициони генерации се сеќаваат на подобрите времиња од својата младост, помладите пак живеат и му се радуваат на моментот.
Пред 32 години на денешен ден, над 95 проценти од граѓаните на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Претходно, на 25 јануари 1991 година, беше усвоена Декларацијата за независност од првото повеќепартиско македонско Собрание. Киро Глигоров беше прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија, премиер Никола Кљусев. Во 1991 година беше усвоен Уставот, земјата монетарно се осамостои, а се формираше и македонската армија. По долги прегововори со Грција, земјата го промени името и влезе во Алијансата, како полноправна членка во 2020 година. Македонија веќе 18 години е кандидат за ЕУ. Преговарачкиот процес кој започна пред две години е неизвесен се додека не се исполни условот на Софија за вклучување на Бугарите во Уставот.
-
Сања Сеизова Мрмова
Сите содржини од овој новинар