Македонија
8. December 2023 - 16:52

30 дена притвор за возачот на Палчо

И возачот на Палчо ќе оди во притвор. Откако МВР вчера му поднесе кривична, судија на претходна постапка го прифатил барањето на Обвинителството, па Стефан Димковски наредните најмалку 30 дена ќе ги помине во истражниот затвор во Шутка. 

„Димковски се сомничи дека во временскиот период од први до трети декември му помогнал на Палевски кој е осомничен за сторени кривични дела „грабнување" и „убиство" и дека со патничко возило „ленд ровер“, со струмички регистарски ознаки, сопственост на правно лице со седиште во Струмица, го земал Палевски од Белград и го однел во Турција, со цел да избега и да се сокрие од органите за прогон во Република Македонија“ – се вели во соопштението на полицијата утрово. 

Димковски е петтиот кој ќе ја облече сината униформа на истражниот затвор во Скопје откако претходно таму завршија уште 4 лица меѓу кои и татко и на Вања.

Палевски пак, утрово по трет пат се разбуди во екстрадициониот притвор во Турција откако во вторникот беше приведен од турските власти по македонска потерница. Надлежните експресно ја подготвија документацијата, а Министерството за правда информираше дека таа веќе е испратена во Турција. Експертите не очекуваат овој процес да трае долго имајќи ја предвид тежината на кривичните дела. 

Адвокатот кој Палчо го превезе од Скопје до Белград беше ослободен откако Обвинителството констатираше дека во овој момент нема елементи кои што би го оправдале притворот. Сепак, тој и натаму останува под радарот на обвинителите и полицијата. 

Вчера во медиумите беше објавено и видео од безбедносни камери кое доколку се потврди како точно дава попрецизен временски распоред на настаните и веројатно ја отфрла теоријата на полицијата дека Вања е убиена во паника поради јавниот притисок.