Македонија
18. August 2022 - 16:35

3 години трае битката на 26 годишниот Хенри за добивање македонско државјанство

Три години е заглавен во лавиринтите на институциите и не може да добие македонско државјанство.

26 годишниот Хенри Де Грааф, роден во Холандија од мајка македонка, според службите во МВР не може да стане наш државјанин иако Управниот суд во мај пресудил во негова корист бидејќи во моментот на неговото раѓање таткото бил непознат, а мајката е државјанин на Македонија.

-Во законот за државјанство пишува во член 4 став 1 точка 3, тоа е мојата ситуација и сум роден без татко, со мајка Македонка и од раѓање сум македонец, а МВР вика дека имам 2 родители, но не е така и во решението на Управен суд пишува могу јасно, вели Хенри Де Грааф.

Хенри вели дека според потекло го следува македонско државјанство без разлика кога и да поднесе барање, иако од МВР повикувајќи се на член 5 од законот го одбиле бидејќи аплицирал кога наполнил 24 години, а не до 23.

-МВР вика дека бев престар да земам државјанство, а јас милам нешто друго и затоа со адвокат одев на суд, вели Хенри де Грааф. 

Доколку пак почне нова постапка според друг член од законот Хенри вели дека ќе го изгуби холандското државјанство.

-Зошто сакате да добиете македонско државјанство?

-Јас сум македонец преку мајка и сакам да доаѓам кога сакам и да седам колку сакам, да не се замарам со полиција и имам право и незнам зошто е тешко МВР да ми даде државјанство, вели Хенри.

26 годишниот Хенри вели дека не се откажува и ќе оди до крај. Доколку добие државјанство и најде работа сака да живее во Македонија, бидејќи сега може да остане најмногу 3 месеци.

-Убава е државата, ако имаш убава работа, вели Хенри.

Од МВР велат дека ќе го проверат случајот и дополнително ќе информираат.