29 години од атентатот врз Kиро Глигоров
Поминаа 29 години откако тој вторник во 10 минути пред 10 часот одекна експлозија пред хотелот Бристол во центарот на Скопје. Бел автомобил Цитроен наполнет со 20 килограми експлозив се разнесе во моментот кога покрај него помина Мерцедесот на првиот македонски претседател Киро Глигоров. Обидот за атентат врз Претседателот не беше успешен. Со тешки повреди на главата тој го преживеа нападот. Загина неговиот возач и уште едно лице кое случајно се нашло на местото на експлозијата.
29 години подоцна истрагата за тоа кој го нарача и изврши атентатот врз Глигоров останува отворена.
Нападот дојде само еден ден по посетата на српскиот Претседател, Слободан Милошевиќ, при што претседателите во Скопје постигнале договор за мегусебно признавање на независноста на двете земји.
Неколку месеци од атентатот, како еден од можните атентатори, разузнавачката служба ги посочила „Ослободителната војска на Македонија“ со седиште во Австралија. Потоа, тогашниот министер за внатрешни работи како нарачатели ги посочил бугарската „Мултигруп“ или југословенската „КОС“. За ниту една од овие теории службите не обезбедија докази во една од најголемите акции во полициската историја на Македонија.
Беа претресени над 30.000 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти и легитимирани над 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресувани. МВР спроведе бројни информативни разговори со потенцијални осомничени, но сите тие беа пуштени по испитувањето.
Три месеци по атентатот, Глигоров се врати во претседателскиот кабинет за да го заврши вториот претседателски мандат.
Во македонската изборна историја ќе остане запишан како политичарот што добил најмногу гласови на избори кога во 94тата за него гласаа над 715.000 луѓе. Се смета за еден од најзаслужните за мирното одвојување на Македонија од Југославија.
Почина од природна смрт на 94 години на 1 јануари 2012 година.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар