Македонија
9. March 2018 - 19:46

27 тешки кражби за два месеци во Струмица

За околу два месеци група од три лица  од  Струмица и Куклуш од кои едниот е малолетник успеала да изврши 27 тешки кражби. Најчеста мета на групата биле куќи и деловни простории, а украле и две моторни возила. Тројцата крадци помош добивале од 29 годишен жител на селото Куклиш кој е осомничен за прикривање бидејќи откупувал различни предмети  иако требало да знае дека истите потекнуваат од извршени кривични дела. Од струмичката полиција која веќе им поднесе кривични пријави на осомничените информираат дека тие во декември минатата година се договориле да направат криминална група за извршување на тешки кражби по куќи и деловни објекти. Малолетното лице при извршувањето на кривичните дела имал улога да внимава пред објектите, додека прво и второ пријавените имале задача насилно да ги отвараат влезните врати на објектите и да влегуваат во нив. Првопријавениот имал добро познавање  на браварскиот занает, што го искористил за насилно отварање на вратите.

,, Кривичните дела ги вршеле во временскиот период од 22.00 часот до 05.00 часот. Како превоз користеле такси возила од различни такси компании, а понекогаш го користеле и велосипедот на второпријавениот. Групата за извршување на тешките кражби избирала објекти со алуминиумски врати и прозорци. Вратите ги отварале со штрафцигер и насилно со кршење на стаклата од влезните врати. ,, вели Хризантема Рендевска – портпарол на СВр Струмица

Скоро во истиот временски период додека групата крадци оперирала на подрачјето на Струмица слична група од пет лица од кои четворица радовишани и еден струмичанец  на возраст од 19 до 26 извршиле осум кражби на подрачјето на Радовиш.  Нивни предмет на интерес биле товарни возила и трактори. Најчесто краделе акумулатори, сајли и синџири. И против нив од страна на полицијата се поднесени кривични пријави со кои се сомичат дека сториле повеќе кривични дела тешка кражба и кражба.