Македонија
1. March 2024 - 16:34

249 портали сакаат пари од кампањата - Половината непознати

37 телевизии, 35 радија, 11 весници и дури 249 портали се пријавиле за да објавуваат реклами на претседателските избори. И додека кај традиционалните медиуми нема изненадувања, кај порталите, повеќе од половината се практично непознати на македонската медиумска сцена. Интересно е што повеќе од половина портали известуваат на албански јазик, а меѓу нив, најинтересна е групата од 10 портали на фирмата инфините солушнс 2023 која медиумите ја поврзуваат со директорот на државна лотарија и за кои имаше обвинувања дека работат во министерството на Артан Груби.

Законските ограничувања не дозволуваат една партија да се рекламира за повеќе од 15.000 евра во еден портал, па лансирањето на 10 во кампањата изгледа како добра можност од државниот буџет да се извлечат максимални 150.000 евра.

Околу третина од порталите кои се пријавиле да учествуваат во кампањата воопшто не се регистрирани во македонскиот регистар на домејни. Меѓу нив има портали регистрирани во Данска, Албанија и Косово. Дури 6 портали имаат домејн регистриран во Албанија а еден портал во својот импресум прецизно наведува дека има адреса во Косово. Неколку портали пријавиле свои поддомејни, а некои две различни адреси за еден ист портал.

Ако решите да го отворите секој портал посебно ќе забележите дека половина од нив воопшто немаат импресум, за една година објавиле неколку десетици содржини а има и такви кои се формирале на истиот ден кога ДИК го објави повикот за медиумите, објавиле десетина вести и оттогаш до денеска нема ништо.

Интересно е што меѓу пријавените портали има и такви кои воопшто не постојат. На пример порталот Специ.мк не постои во регистарот на Марнет иако има мк домејн. Неколку портали имаат регистриран домејн но воопшто не постојат а има и такви на кои им стои дека баш во овој момент се сервисираат.

Во желбата да се земе некој денар повеќе од кампањата, некој го пријавил порталот Грамофони.ком посветен на аудио опрема а се чини најдобра од сите е матична докторка од Скопје која исто така со поддомејн се пријавила за да објавува реклами.

Од ДИК велат дека законот е таков и дека имаат врзани раце во овој случај иако се свесни за проблемот. Објаснуваат дека секој портал што во ДИК ќе испрати тековна состојба и барање за пријава има право да објавува реклами без разлика што во овој момент никој во Македонија нема никаков регистар на онлајн медиуми, што значи дека нема никаков проблем, било која фирма од земјава да го пријави порталот на Си Ен Ен како свој.