Македонија
3. October 2015 - 16:18

20 години од атентатот врз претседателот Глигоров - Нарачателите и извршителите се уште непознати

И по цели 20 години останува мистеријата кој и зошто се обиде да го убие македонскиот претседател Киро Глигоров. По многуте отворени истраги, останаа само неодоговрени прашања. Како одминува времето се помали се шансите вистинските извршители и нарачатели на атентатот да се соочат со правадата. Во МВР и натаму се води истражна постапка против непознат сторител...

Нова светлина на извршителите и логистиката на атентатот врз македонскиот претседател фрлаат информациите кои неодмана ги пласираше Изет Хаџија, поранешниот телохранител на албанскиот претседател Сали Бериша. Тој во интервју за албанскиот весник „Дита“ тврди дека атентаторите на Глигоров се засолниле во Албанија. Хаџија вели дека тогашниот претседател Бериша лично ги пречекал терористичките групи што ја поставиле бомбата на Киро Глигоров, а целиот трансфер во и од Албанија ја организирал негов близок пријател.   

Која и да е вистината, она што со сигурност може да се заклучи е дека атентатот бил извршен од високи професионалци, дека се било детално испланирано и дека било само прашање на среќа што македонскиот претседател останал жив.

Нападот врз Глигоров беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995-та, само ден по средбата со српскиот претседател Милошевиќ, на која беше постигнат договор за меѓусебно признавање на двете земји. Бомбата во автомобилот ситроен АМИ 8, експлобирала во 9:50 часот пред хотелот „Бристол“ во центарот на Скопје, во моментот кога претседателот Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција кон работното место во македонското Собрание. На местото на атентатот загинаа неговиот возач Александар Спировски и случаен минувач, а беше повреден телохранителот Илчо Теовски.

Глигоров почина на 94-годишна возраст на 1 јануари 2012-та. Се до својата смрт тој во јавноста ретко говореше за овој настан.