Македонија
8. April 2021 - 20:01

19 годишна девојка почина во битолскиот ковид центар

19-годишна девојка од битолско која беше со Даунов синдром почина во Ковид центарот во Битола. Таа вчера била примена во многу лоша состојба, со симптоми на Ковид 19, но не била тестирана. Беше сместена во посебен дел на модуларната болница за сомнителни пациенти на Ковид 19. Починала пред да биде земен брис, па затоа не било потврдено присуство на вирусот.

„Вчера во текот на денот беше донесена 19-годишна пациентка во многу тешка клиничка состојба, со симптоматологија на Ковид, но не тестирана. Веднаш беше примена, со многу тешка клиничка слика, со ниска сатурацијата под 40, давани беа соодветни терапии, пулсни дози, поставена на неинвазивна механичка вентилација која не ја примаше, за жал реанимационите обиди не дадоа резултат. Неколку часа после приемот, пациентката почина пред да биде земен брис за дијагностика на Ковид 19“, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.

Заради тоа што не е утврден вирусот, нема да влезе во статистиката за починати од Ковид 19.

Во изминатото деноноќие во битолскиот Ковид центар починаа два пациента од Битола на возраст од 63 и 69 години.

Во Битола расте бројот на хоспитализирани, денеска беа 134 пациенти од кои повеќето се во тешка состојба. Но, она што загрижува е и многу тешката клиничка слика кај поголем дел од помладите хоспитализирани пациенти, на возраст од 28 до 40 години. Расте и бројот на новозаразени во Битола. Вчера беа регистрирани 119 нови случаи, а со 1149 активни случаи е после Скопје и Куманово по бројот на моментално активни случаи.