Македонија
5. јуни 2020 - 19:35

180 нови случаи, најмногу во Скопје

Македонија продолжува да руши рекорди по бројот на новозаразени со Ковид 19. По вчерашниот, денешниот пик е многу поголем и има 180 позитивни од 1272 тестирања. Изминатото деноноќие има и два смртни случаи- Починал 52 годишен пациент од Куманово и 68 годишна скопјанка. Најмногу од заразените изминатите 24 часа се од главниот град каде има дури 109 дијагностицирани. Короната вирусот се шири и меѓу медицинскиот персонал – 11 здравствени работници со Ковид 19 има во ГОБ 8-ми септември и двајца од ГАК. Но и покрај зголемувањето на бројките, министерот за здравство вели дека добро е што најголем број од лицата немаат потреба од болнички третман и очекува овој бран кратко да трае.

-Очекувам од понеделник да продолжиме како што беше до четвртокот. Секако тоа ќе го донесеме со Комисијата за заразни болести. Позитивните случаи ќе ги следиме и сметаме дека бранот многу кратко  ќе трае, но да бидеме претпазливи. Вирулентноста слабее на вирусот, многу од тие веќе позитивни немаат симтпоми, вели Венко Филипче, министер за здравство.

Филипче не очекува да дојде до ширење на вирусот во туристичките места кои вчера беа преплавени со жители од регионите кои се во 80 часовен карантин.

-Ние не може да го запреме движењето, потребно е носење на маска, за асимптоматски да не пренесе вирусот. Точно знаат кај се движат, вели Филипче.

Затворање на излезите од градовите кои се во 80 часовен карантин за да не дојде до евентуално ширење на вирусот во туристичките места. Ова е ставот на епидемиологот Даниловски, кој сепак очекува ефект од рестриктивните мерки.

-Сите рестриктивни мерки даваат резултат. Можеби требаше и излезите да бидат затворени, од сликите на социјалните мрежи дека еве во Дојран не почитуваат мерки, да се надеваме дека нема некој асимптоматски случај кој ќе доведе до нови кластери, вели проф.др. Драган Даниловски.

За големиот број на новодијагностицирани со Ковид 19, надлежните велат дека 90 процнети од нив се кај 15 фамилии.