17 секунди едно лице да ја заврши процедурата на гласање во Студеничани – ВМРО- ДПМНЕ поднесе кривични пријави
По еден гласач на секои 17 секунди е брзината со која во последните 90 минути пред крајот на референдумот вчера се гласало на едно избирачко место во скопската општина Студеничани.
Гласачкото место 2341 во скопско Студеничани очигледно го држи референдумскиот рекорд. Според официјалните податоци објавени од Државната изборна комисија, на ова гласачко место до 17 часот гласале вкупно 299 граѓани. За само 90 минути, до следниот пресек бројката на излезени гласачи скокнала на 613. Математиката покажува дека за 90 минути гласале 314 гласачи или во просек, секој гласач своето гласачко право го извршувал за неверојатни 17 секунди.
Слична е состојбата и во скопски Сарај. Таму во избирачкото место 2458/1 на гласање излегле над 96% од запишаните гласачи а во периодот од 13 до 15 часот, според податоците на ДИК, гласал по еден човек на секои 23 ипол секунди.
Уште побрзо се гласало во соседното избирачко место 2450 но два часа порано. Таму од 11 до 13 часот на секои 21 секунда во гласачката кутија паѓало по едно ливче за на крајот излезноста да надмине 92% или скоро три пати над националниот просек и во просек над двојно повеќе од бројката на гласачи кои излегле на локалните избори лани.
На уште десетици избирачки места претежно во западниот дел на Македонија регистрирани се во просек по повеќе од 1 глас во минута.
Останува на институциите да откријат, како е можно еден гласач за 17 секунди да биде идентификуван од избирачкиот одбор, пронајден во избирачкиот список, проверен со УВ ламба и испрскан со невидлив спреј, а при тоа да има време и да замине зад параванот, да заокружи и да го пушти ливчето во гласачката кутија.
Од Основното јавно обвинителство за Сител велат дека будно ги следат сите случаи поврзани со референдумот и дека веќе имаат отворено неколку постапки, но немаат конкретен одговор, дали ќе се истражуваат брзите гласачи во повеќе општини во Македонија. Конкретен одговор нема ниту од МВР. Од таму велат дека ќе го чекаат обвинителството.
Институциите да проверат денеска порачаа од Владата
Во ДИК велат дека дополнително ќе анализираат, по што ќе се знае дали брзите гласачи во Сарај и Студеничани и нивните 17 секунди по гласачки ливче ќе бидат доволен доказ за да се отвори постапка
За аферата брзи гласачи реагираше и опозицијата
Согласно законот само набљудувачите на овластениот предлагач или пак гласач од спорното избирачко место може да поднесе приговор до ДИК во врска со брзото гласање. Со оглед на тоа дека Собранието немаше пари за да испрати овластени набљудувачи, останува на граѓаните во Студеничани и Сарај, сами да побараат ДИК да истража како во нивните избирачки места во гласачите кутии паѓале по неколку ливчиња во една минута.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар