Македонија
12. јуни 2021 - 16:36

150 млади дел од викенд кампот во Прилеп

Над 150 млади се дел од првиот  Едукативен планински камп за млади, кој се одржува викендов во Прилеп во организација на Спасителната служба „Златоврв“.Учесниците на овој камп ќе имате можност да ја запознаат природата од еден поинаков агол, како и предизвиците кои таа ги нуди. Целта на овој камп е пред се, да се зголеми спортската активност кај младите во Прилеп и едукативно да се запознаат со природата,

„Прилеп полека но сигурно станува центар на авантуристичките спортови. Се повеќе земаат замав сите оние спортови како што се спортско качување, параглајдинг, планинарење. Наша цел е да ги насочиме младите и да ја презентираме природата, да ги доближиме до природата“, изјави Дарко Неданоски, раководител на Спасителна служба „Златоврв“.

Освен спортскиот дел претставниците од младинскиот совет на прилепската гимназија се задолжени за културно забавниот дел на кампот.

„Прво ќе има поетска вечер на која ќе има деца кои ќе кажуваат поезија, а потоа имаме тим кој што со ќе не забавува со свирење и пеење околу логорскиот оган“, рече Александра Игнатоска, член на младинскиот совет при гимназија „Мирче Ацев“.

Младите навистина се забавуваа на овој камп, едуцирајќи се што е тоа ориентација, се спуштаа по зип лајн, и играа голем број игри, се запознаава со основите на планинарењето.

„Сега сум на кампот кај селото Ореовец, многу е убаво, се забавуваме, сега ќе одиме на зип лајн, се качуваме по планините“, рече Огнен Аџаклиески, учесник на кампот.

„Дојдовме тука во кампот, многу се забавуваме, играме игри без граници и многу ни е интересно“, кажа Марко Трајкоски, учесник на кампот.

„Тука е многу забавно играме разни игри како влечење на јаже, скокање во вреќи, а утре ќе ја посетиме и пештерата Рамниште“, вели Дарија Конеска, учесник на кампот.

Кампот е со поддршка на Општина Прилеп од каде велат дека ваквите настани ќе продолжат и понатаму.

„Оваа едукација на младите и тоа како им е потребна, особено сега после пандемијата. Ова му е потребно, не само на младите, туку и на повозрасните. Но особено за младите е вистински благодет после завршувањето на школската година“, додаде Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Кампот ќе трае и утре за кога е планиран влез во пештерата Рамниште.