Македонија
1. March 2024 - 12:20

14-годишно момче избодено до смрт во Прилеп

Вчера околу 19.30 часот во влезот на зграда во Прилеп познатата како „9-то катница“ со остар предмет е избоден 14 годишен малолетник од прилепското село Сенокос. Малолетникот најверојатно во обид да избега од местото започнал да се движи по троторот на булеварот „Гоце Делчев“ каде за кратко време потоа е пронајден паднат наспроти домот за култура „Марко Цепенков“.

Веднаш била повикана Итна помош од каде соопштија дека пациентот бил пронајден без свест, неконтактибилен и без витални параметри. Малолетникот веднаш бил ставен во возилото и започнало Срцево белодробно мозочно оживување, а потоа бил транспортиран до одделението за анестезиологија и реанимација каде биле безуспешни сите обиди да се реанимира.

Од полицијата денеска соопштија дека утринава околу 04.00 ги лишиле од слобода еден малолетник и 21 годишниот В.Т. и двајцата од село Сенокос, поради сомнение за сторено кривично дело „убиство“.

„Полициски службеници од ОВР Прилеп заедно со јавен обвинител извршиле увид на местото на настанот, а по судска наредба бил извршен претрес во домот на малолетникот во с. Сенокос, при што биле пронајдени и одземени предмети со кои било извршено кривичното дело. Со малолетникот бил извршен службен разговор, во кој го признал делото за што е поднесена и кривична пријава“, вели Сања Стаматова портпарол на СВР Битола.

Од Јавното обвинителство во Прилеп потврдуваат дека е направен претрес кај малолетникот кој се уште во моментов се наоѓа во полициската станица во Прилеп. Од ОЈО очекуваат им да бидат предадени сите потребни податоци од МВР за да може да продолжат со истрагата и со утврдување на мотивите за целиот случај. 

Граѓаните се потресени од убиството и однесувањето на младите. 

„Луѓето ги познавам јас дека од Сенокос е детето, друго ништо не знам. Се јавивме сега на свои роднини таму. Детето паднало на тротоарот тука каде и го пронашле, друго ништо не знам. Ова не вознемирува сите, имаме дечиња, внучиња, како може да се случува вака да загине малолетник“, вели еден граѓанин. 

„Младите не се контролираат, не смеат да носат оружје. Кој е виновен за тоа сите ние и родителите и институциите и општеството“, додаде друг граѓанин.

Врз телото на убиениот малолетник денеска треба да биде извршена обдукција.