Македонија
27. August 2015 - 16:56

1300 мигранти поминале за еден ден - На јужната граница мирно

На јужната гранична линија денеска е мирно. Протокот на мигранти е под целосна контрола и се одвива без никакви проблеми. Исто како и во претходните денови  специјалните полициски сили и единиците на АРМ организирано и во групи ги пропуштаат мигрантите во нашата држава и ги упатуваат во прифатниот камп каде се евидентираат и им се издаваат потврдите по што со организиран превоз се транспортираат до северната граница. Прифатниот центар денеска го  посети и министерот за животна средина Нурхан Изаири  кој рече дека државата  ги вложува сите напори за успешно справување со  бегалската  криза потенцирајќи дека ова не е проблем само на Македонија и затоа е неопходна што поголема меѓународна поддршка.

,, Ние нашето го правиме меѓутоа ова не е само проблем на Република Македонија, ова е поширок проблем така што за оваа работа треба сериозно да се зафатат сите институции, не нашите се разбира туку и од другите земји за да се справиме што е можно подобро со оваа бегалска криза.,, рече министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири    

Во меѓувреме интензивно течат активностите за целосно опремување на прифатниот камп со неопходната  инфраструктура. Градоначалникот на Гевгелија Иван Франгов се надева дека многу наскоро ќе успеат градот целосно да го вратат во нормала.

,, Веќе почнува да добива организиран лик парцелата, се договараат секојдневно сите чекори кои што ќе се преземат и од наша страна и од страна на УНХЦР, заедно со владата со УНХЦР, со сите невладини организации кои помагаат.,, рече Иван Франгов градоначалник на Гевгелија

Освен потребната инфраструктура многу брзо во прифатниот камп  се очекува да започне и електронската евиденција на мигрантите со која значително ќе се олесни издавањето на потврдите чија бројка во текот на вчерашниот ден била 1288. Од нив 807  биле издадени на лица  од машки пол, 200 на жени и 221 на деца кои го придружуваат носителот на потврдата. Вчера птврди добиле и 60 деца кои патувале без родител. Најбројни и понатаму се државјаните на Сирија.