Македонија
12. April 2024 - 16:33

12 април - Меѓународен ден на децата на улица

Aлмедина Добовиќ, мајка на осум деца од Скопје, низ годините питачела за корка леб, за денар повеќе, за да може да се прехранат. Но, тешкиот живот почнал уште додека таа била дете, околностите во кои растела ја натерале наместо да поминува време во училишните клупи, да проси по улиците.

Оти не завршила ниту основно образование, никој со години не сакал да ја вработи. Откако добила лиценца за работа, Алмедина, сега веќе шести месец работи во асоцијацијата „Ластовица“, организација која ги промовира правата на децата со посебни потреби.

Главната причина поради која родителите ги принудуваат своите деца да питачат е големата сиромаштија. Парите кои државата им ги дава на лицата на кои им следува социјалната помош не се доволни. Вака одговориле скоро сите родители кои биле исконтатирани за истражувањето на институцијата Народен правобранител.

Да се питачи е казниво дело во Македонија. За да се искорени овој проблем, потребна е сеопфатна активираност на сите институции. Како решенија се предложени почести разговори со родителите на овие деца, да им се обезбеди работно место, а казните да бидат последната опција за оние кои питачат.

Постојат и организирани групи кои носат повеќе деца по различни градови за да питачат. Секоја година и цели семејства се селат во Охрид и Струга, за време на туристичката сезона.

Во нашата држава има само три центри за згрижување на деца од социјален ризик, два во Шуто Оризари, еден во Кисела Вода. По закон, дневно не смеат да згижуваат повеќе од 24 лица. Бројката на децата на улица варира од ден на ден, реалната бројка ниту надлежните не можат да ја утврдат.