100 обиди дневно за нелегален премин на грчко-македонската граница
Од почетокот на годинава полициските патроли спречуваат по околу 100 обиди дневно за илегално преминување на јужната граница. Според македонската полиција, бројката не претставува рапиден пораст во однос на претходниот период.
“Немаме некој засилен бран на илегални мигранти кои сакаат да транзитираат низ нашата држава, ниту пак трпиме некое поголемо влијание од она што се случува на грчко-турската граница. Тоа е барем засега”
130 полицајци од осум држави, потпомогнати од македонската армија, се задолжени за целосно затворање на границата за илегален премин.
Во транзитниот центар “Винојуг” прва помош добиваат околу 30 лица дневно, пред да бидат вратени на грчка страна.
“Лицата се асистираат со услуги за прва помош, дистрибуција на храна и на облека, како и евентуален транспорт до медицинска установа. Сето тоа во координација со полицијата”
За разлика од нашата јужна граница каде што засега не се регистрирани инциденти, тензиите на грчко-турската граница не стивнуваат. Шок бомбите и солзавецот го спречуваат напливот на мигранти, кои чекаат евентуално решение на кризата и отворен пат кон западна Европа.
Засега него го нема, а не е на повидок ниту по посетата на турскиот претседател во Брисел, каде што европските лидери порачаа дека Ердоган мора да го почитува договорот од 2016 година.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар