Македонија
8. July 2018 - 16:45

10% од населението во Битола пие бактериолошки неисправна вода

Околу 10.000 жители односно 10% од вкупното население во Општина Битола користи небезбедна вода за пиење што претставува епидемиолошки ризик по јавното здравје на овие жители, покажаа анализите на Центарот за јавно здравје Битола. Тоа се 35 селски населби во општината кои со вода за пиење се снабдуваат од сопствени водоводи, а меѓу нив се и потпелистерските села.

- Ни за јадење, ни за варење, ни за ништо не е. Не се пие водата, велат жителите од потпселистерските села.

Од извршените санитарно-хигиенски увиди, се утврди дека најголем број на објектите за водоснабдување не ги задоволуваат санитарно-хигиенските норми.

- Од бактериите најчесто се присутни патогени бактерии од типот ешерихија коли, а овие резултати покажуваат дека овие жители пијат вода која е небезбедна. Препорака е да не пијат и селските чешми, од изворските чешми бидејќи голем процент од нив се исто така бактериолошки неисправни, вели д-р Емилија Богоевска, специјалист по хигиена во Центар за јавно здравје Битола.

Со цел решавање на проблемот, според Центарот за јавно здравје, потребно е да се постават одредени правни субјекти кои ќе стопанисуваат со сите локални водоводи, а со тоа и би се одржувале. За крајно и успешно решавање на проблемот со водоснабдувањето на селските населби со локални водоводи, таму каде што има можност потребно е нивно сукцесивно приклучување на градскиот водовод во Битола.