Македонија
4. May 2024 - 20:03

Македонија одбележува 121 година од смртта на Гоце Делчев

Затекнат од османлиската војска во село Баница, пред точно 121 година беше убиен Гоце Делчев, македонскиот револуционер и еден од најголемите борци за независна и слободна Македонија. 

Денеска, на 4 Мај со сите почести беше одбележана 121 годишнина од неговата смрт во црквата Св. Спас каде што се наоѓаат неговите останки, но и низ други градови се чествуваваа вредностите што ги застапуваше Делчев во борбата за слобода и за македонската државност. 

Мирно, без инциденти, но со засилено полицискио обезбедување и посебни протоколи, во црквата Св. Спас положија цвеќе претседателот Пендаровски, владина делегација, политички партии, амбасадори, граѓани.

Гоце Делчев никогаш не бил предмет на политички разговори, велат од СДСМ. Со желби пак за национално обединување после 8 Мај, од ВМРО-ДПМНЕ се поклонија пред гробот на Делчев.

Денеска цвеќе се положуваше и во универзитетот Гоце Делчев во Штип, а во општина Пустец, Албанија беше поставена биста на Гоце Делчев од авторот Зоран Тошевски од Скопје. 

Во Собранието денеска беше доделена наградата „Гоце Делчев“ за 2024 година за особено значајни остварувања во областа на науката. Престижната државна награда оваа година ја добија проф. д-р Роберт Хадсон и проф. д-р Иван Додовски за делото „Долга транзиција на Македонија: од независноста до Преспанскиот договор и потоа“ и д-р Ана Мартиноска и м-р Жарко Иванов за делото „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963г.“