Свет
9. November 2016 - 10:39

Зошто Германија не дозволува референдуми?

Договорот за слободна трговија, спасување на банките, примањето на бегалци, се многу теми кои германските граѓани веројатно би ги земале во свои раце и за нив би одлучувале на референдум. Тоа моментално не е возможно. 

Маријана Гримештајн-Балаш има 70 години и се уште дава часови по флејта. Ширум Германија не станала позната по музиката туку поради тоа што собрала 68.058 потписи за уставна тужба против Договорот за слободна трговија меѓу Европската унија и Канада (CETA). Уставниот суд го одбил нејзиното барање, но на Сојузната Влада наметна важно ограничување: смеела да се согласи на договорот CETA само поради тоа што обезбедила механизам за да се повлече од тој договор подоцна, ако тоа го бара некоја следна судска одлука.

Меѓутоа, Гримештајн-Балаш, жена порасната во Будимпешта и веќе 40 години жителка на Германија, нема намера да се откаже од тужбата. Во нова онлајн петиција собрала потписи за воведување на референдум во германскиот систем. Фатално е, пишува таа, да се занемарат интересите на мнозинството и да се донесуваат одлуки против милиони луѓе и на штета на животната средина. Таа наведува разни прашања, од договорт за слободна трговија со САД (TTIP), спасувањето на банките со пари од даночните обврзници или социјалната помош. „Подобро граѓаните сами да донесуваат такви важни одлуки” - смета таа.

Што вели Основниот закон?

Делува дека оваа дама се занимава со Сизифова работа. Германија е една од само неколку европски земји во кои референдум е забранет на државно ниво, барем така често се тврди. Грименштајн-Балаш меѓутоа вели дека во Член 20 од Основниот закон не само што постои можност за референдум, туку дека таму е запишано дека таквата директна демократија е од есенцијална важност. Тука пишува: „Државниот суверенитет потекнува од народот. Народот го отсликува преку избори, други гласања и посебни законодавни, извршни и судски тела”. 
Во „гласањето”, вели таа, секако спаѓа и државен референдум, па нема потреба да се менува Основниот закон т.е. Уставот, што би барало двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот, во Бундестагот и Бундесратот. На помош го повикува и познатиот Херлберт Прантл, професор по право и уредник во Зидојче цајтунг. Всушност, таа го цитира неговиот натпис од 2012 година каде пишува дека барањето за плебисцит на национално ниво не е никаков каприц на граѓанското општество, туку „неисполнета централна инструкција на уставот”.

Но, не е баш така едноставно, вели Уве Липински, адвокат од Хајделберг специјализиран за уставно право. „Мора да се гледаат неколку уставни клаузули кои се поврзани и една на друга даваат контекст”. Тој посебно го наведува Член 76 од Уставот кој јасно го дефинира законодавниот процес и воопшто не наведува директна демократија. За овозможување на плебисцит, вели Липински, потребно е да се промени тој Член, а за тоа повторно треба двотретинско мнозинство.

Проверувајќи ја во 2009 година усогласеноста на Лисабонскиот договор со германскиот Основен закон, Уставниот суд веќе утврди дека национален референдум може да се воведе во законодавниот систем на Германија. „Но, не постои обврска да се воведат такви референдуми”, вели Липински за Дојче веле. Тешко дека наскоро ќе се појави потребно двотретинско мнозинство, пред се поради отпорот на демохристијаните кои се најсилна партија во парламентот.

Трауми од 30-тите

Постојат дебели историски причини поради кои Уставот дава толкава моќ на парламентот и не дозволува јасна можност за директна демократија. Нацистичката власт во 1933 година донела закон кој овозможува на Владата да распише референдум на кој граѓаните, заобиколувајќи го парламентот, донесувале нови закони или ги потврдувале владините одлуки. Така Адолф Хитлер во 1934 година добил поддршка за себе да ја обедини функцијата Рајхсканцелар и претседател на земјата.

Прифатена била дури и теоријата дека Вајмарската Република пропаѓа бидејќи во 1921 година со закон овозможила едноставно распишување на референдум, што дозволило на популистите да го исфрлат избраниот парламент. Таа теорија во голема мера до денес е отфрлена но секако била во мислите на основачите на повоената Западна Германија. Како што тоа го изјавил Теодор Хојс, првиот претседател на Сојузна Република Германија: „Референдумот е премија за секој демагог”.