Македонија
20. August 2018 - 16:40

Зошто драстично е зголемен бројот на разбојништва, кражби и убиства во споредба со лани?

Синоќа во Скопје на булевар Крсте Мисирков од страна на две непознати лица со употреба на физичка сила извршено е разбојништво над 49-годишен скопјанец. На ограбениот му била одземена чанта во која имал мобилен телефон, паричник и документи. Ограбен таксист во село Моране. Непознат маскиран сторител во Свети Николе спречен во обид за разбојништво.

Ова се само последните од низата кривични дела од уличниот криминал, кои според податоците на Министерството за внатрешни работи се во пораст. Според МВР, разбојништвото во земјава е повеќе двојно зголемено во периодот од јуни 2017-та до јуни оваа година, споредено со претходниот период. Само на територијата на главниот град, разбојништвото за посочениот период е зголемено за речиси 75%, а пораст на бројот на кражби бележат речиси сите Сектори за внатрешни работи во земјава.

Од МВР се уште се чекаме на одговор дали двојно зголемениот број на убиства во Скопје и зголемената стапка од 10 проценти на ниво на целата земја делумно се должи на амнестијата од почетокот на годинава која опфати 670 лица. Што се однесува до тоа колку е ефикасна позорникарската служба во справувањето со уличниот криминал, од МВР велат дека позорната дејност редовно се извршува во урбаните средини, индустриски и сообраќајни центри, како и во туристички места врз основа на елаборат, во кој планира потребниот број на полициски службеници врз основа на повеќе фактори како што се големината на подрачјето и бројот и значењето на објектите.