Македонија
21. јуни 2020 - 13:23

Зоран Заев: Изградба на квалитетни патишта е врвен приоритет на политичката агенда на СДСМ

Поврзувањето на нашите граѓани и развој на постоечките и нови бизнис интеракции помеѓу компаниите преку изградба на квалитетни патишта се врвен приоритет високо поставен на политичката агенда на СДСМ.

Денеска заедно со генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, министерот за транспорт и врски Сугарески и директорот на јавните државни патишта, Китанов, градоначалникот на Штип и на Кочани, раководството од советите и општинските администрации, претставници на фирмите изведувач и надзорот, заедно сме во обиколка на експресниот пат во изградба Штип – Кочани којшто започна да го гради Владата предводена од СДСМ есента 2017 година. Патот е почнат и влезен во изградба во април 2017 после решавање на сите претходни прашања како што е дислокација на далноводи, експропријација, геомеханики и слични работи.

Се наоѓаме на првата фаза Штип-Крупиште во должина од 14.3км која е во финална фаза од изградба.

Граѓаните од Штип и Кочани се поврзуваат со брз и безбеден експресен пат со кој патувањето од Скопје до истокот на земјата се скратува за цели 30 минути.

Оваа делница ќе претставува главна транспортна артерија на истокот од нашата земја низ која безбедно ќе циркулираат луѓе и транспорт на стоки и услуги. Граѓаните од целиот источен регион, Штип, Свети Николе, Кочани, Виница, Делчево, Берово, Пробиштип, Злетово директно ќе почувствуваат придобивки од изградбата на овој експресен пат.

Воедно овој патен правец преку поврзувањето со автопатот Миладиновци-Штип е дел од Коридорот 8 и претставува безбедна и брза патна врска со соседна Република Бугарија.

Капиталните проекти забрзано се реализираат на територијата на целата земја и во овие вонредни услови предизвикани од пандемијата со целосно почитување на сите безбедносни протоколи за заштита. Тоа е важно за да може брзо да ја покренеме новата македонска развојна економија.

Главниот фокус во работењето на одговорната власт предводена од СДСМ е токму изградбата на квалитетна инфраструктура која ќе донесе долгорочни бенефити за развој на економијата и за сите граѓани во државата. Се обврзуваме темпото на изградба уште позабрзано да продолжи и после победата на СДСМ и коалицијата МОЖЕМЕ на 15 јули.

Искрено се радувам на изградбата на овој витален капитален проект кој значајно ќе придонесе за локалниот економски развој на истокот од нашата земја.

Изразувам голема благодарност до работниците кои неуморно и посветено со почитување на сите протоколи за заштита работат на изградбата на овој пат.

Се заблагодарувам и на работниците и на изведувачот и надзорот за трпението и излегувањето во пресрет на локалното население при изградбата на овој пат.

Развојот и унапредувањето на инфраструктурата е врвен приоритет за СДСМ и Владата што ја предводи. Така беше во изминатиот период, така ќе продолжиме и по победата на 15 јули. Продолжуваме да инвестираме во се она што е важно за сите наши граѓани и нашата држава.