Балкан
15. May 2016 - 15:42

Значително намален бројот на новопристигнати мигранти во Грција

Бројот на мигранти и бегалци што пристигнуваат на грчките острови во Егејското Море значително е намален од стапувањето во сила на договорот меѓу ЕУ и Турција за запирање на бегалскиот прилив, објави денеска атинскиот весник „Вима“.

Според весникот, во последново деноноќие во Грција биле регистрирани само 14 новопристигнати мигранти. 

Податоците на грчките власти покажуваат дека во транзитните бегалски центри на островите Хиос, Лезбос и Самос во моментов се наоѓат 7.091 мигранти. Властите планираат поголем дел од нив да префрлат во бегалскиот камп на островот Кос, но некои мигранти се противат на тоа и бараат да бидат пренесени до Пиреја.

Во меѓу време, порталот Ин-њуз јави дека грчката полиција во пограничниот регион Еврос пронашла 57 мигранти, кои биле сокриени во каросеријата на еден камион, управуван од 49-годишен странски дражјанин.

Камионот, кој во Грција пристигнал од Турција, имал фалсификувани регистраски таблички. Возачот на камионот е уапсен

Меѓу мигарнтите, кои камионот требало да ги пренесе до Атина, имало и 16 малолетници. Приведените мигранти изјавиле дека за превозот до Грција на шверцер со луѓе во Пакистан му платиле по 3.000 евра.

Во исто време на грчката полиција уапси две Сиријки, кои со фалсификувани документи за лична идентификација се обиделе да отпатуваат за Германија.

Двете Сиријки, кои поседувале фалсификуван француски пасош и лична карта, биле уапсени на аеродромот во јужниот грчки град Каламата од каде планирале со авион да заминат за Дизелдорф.