Македонија
31. October 2017 - 10:19

Златен медал за младинскиот женски хор на КУД „Стив Наумов“ од фестивал во Молдавија

Младинскиот женски хор кој работи во состав на културно уметничкото друштво „Стив Наумов“ - Битола освои златен медал на меѓународниот натпревар, Фестивал на хорови што се одржа во Молдавија.

Во молдавскиот град Кишињев битолските хористки настапија 5 пати на различни локации во градот, а во натпреварувачката програма исполни 5 песни од македонски автори, истакна раководителот на КУД „Стив Наумов“-Битола и диригент на хоровите Љубомир Трифуновски.

- Во конкуренција од 29 хорови го освоивме првото место. Оваа награда е од голема важност бидејќи ја освојуваме на нашиот премиерен настап на меѓународниот фестивал на хорови кој во Кишињев се одржува по 7 пат. Конкуренција беше голема, но и нашето задоволство исто така бидејќи освен градот Битола, хористките како вистински македонски амбасадори ја претставија и нашата држава промовирајќи ја македонската музика во светот, истакна Трифуновски по враќањето од Молдавија.