Балкан
30. November 2016 - 13:07

Зимата носи нови опасности за мигрантите кои се блокирани на Балканот

Мохамед Јасин вели дека нема зборови со кои може да го опише ужасот на мигрантскиот живот во напуштена зграда во центарот на Белград, кој е дом за стотици луѓе кои се заробени во Србија на нивниот пат кон Европската унија.

Дваесет и осумгодишниот поранешен новинар од Авганистан веќе со денови престојува во концертна сала од социјалистичиот период во главниот град на Србија во очекување на можност да ги мине строго чуваните граници на соседните земји членки на ЕУ, Унгарија и Хрватска.

Околу илјада мигранти живеат во зградата преполна со смет, барајќи заштита од студот и дождот. Но, руинираната зграда без водовод, со скршени саткла на прозорците и отворени дупки на дрвениот покрив нуди мала заштита.

- Немаме соодветно место за спиење, за јадење или за пиење вода, нема топла вода за да се искапуме, вели Јасин. - Страдаме многу... премногу, додава тој.

Хуманитарни организации предупредуваат дека има илјадници луѓе како Јасин на Балканот и во Грција. Тие живеат во незатоплени шатори, пренатрупани кампови и во лоши услови кои стануваат уште понеподносливи со доаѓањето на зимата.

- Деца, возрасни луѓе и други ранливи групи можат да починат годинава на европско тло, ако не бидат преземени итни мерки, стои во соопштението на Меѓународниот комитет за спасување (ИЦР).

Многу од бездомните луѓе се надеваа дека ќе стигнат до европските држави, но останаа блокирани долж поранешната балканска рута, која започнува од Турција и минува преку Грција, Македонија, Србија, Хрватска и Словенија, отакако државите ги затворија границите во март.

„Запечатените“ граници го намалија протокот на бегалци, но новите мигранти бараат илегални начини за преминување, водени од шверцери со луѓе преку скришни патишта за да можат да ги избегнат граничните патроли. Вообичаено потребно се неколку седмици, па дури и месеци, пред да успеат да стигнат до саканата дестинација во ЕУ.

Радош Ѓуровиќ од српскиот Центар за заштита и укажување помош на азиланти вели дека околу две илјади мигранти живеат по паркови и напуштени згради. Покрај нив, има неколку илјади, првенствено семејства со деца, кои се во пренатрупани бегалски кампови.

Според Ѓуровиќ, тешките услови за живот и недостигот од надеж имаат свое влијание врз мигратите кои се истоштени и вознемирени. Понекогаш тие се тепаат меѓу себе. При таков судир во центарот на Белград неодамна, загина еден човек, а друг беше ранет.

- Лошото време и лошите услови ги исцрпуваат и физиички и психички, тие се под стрес и дезориентирани, вели тој. - Луѓето се чувствуваат напуштени и незгрижени и тензиите растат, додава Ѓуровиќ.

Претходно месецов, во Северна Грција деветнаесетгодишно момче беше одведено во болница заради повреди здобинеи при пожар предизвикан од печка за греење во шаторот во кој живеел со своите родители, вели директорот на ИРЦ за Грција, Панос Наврозидис.

- Ако условите не бидат подобрени, ќе биде само прашање на време пред да се случи друга трагедија, предупредува Наврозидис.

Во белградската зграда се шири мирис на урина, измешан со чад од малечки огнови што ги палат мигрантите за да се стоплат или да готват. 

Мигрантите користат стар мебел или картони за да ги разделат местата и да си обезбедат малку личен простор. Панталони, кошули и други испрани нешта се сушат на јажиња. Стари сандаци и кутии сега се полни со оскудните лични работи на мигрантите.

Некои мажи спијат облечени во костуми, во палта, волнени шапки и ракавици. Други слушаат музика на мобилните телефони или читаат, размачкани по облеката од храна купена во блиската продавница.

Еден мигрант, гол до половина, се тресе додека се капе со студена вода, а под нозете се насобрала голема бара од вода. Други пак се наредиле да мијат чинии.

Многумина се болни, заразени со вошки или страдаат од кожни алергии. Нивната состојба се влоши откако Владата неодамна им даде инструкции на волонтерските организации да делат храна само пред официјалните бегалски кампови, надевајќи се дека така мигрантите ќе се повлечат од улиците.

Но, мигрантитр од окупираната зграда и натаму ги одбиваат предлозите на Владата да се преместат во бегалските кампови, каде ќе можат да поднесат официјални барања за азил, стравувајќи дека потоа ќе бидат депортирани или ќе бидат одведени во камп далеку од европските граници.

- Камповите се далеку од тука, не можеме да одиме таму, сакаме да одиме во други држави, вели Наџабулах од Авганистан, кој го кажува само своето име, не и презиме.

До ецен од запалените огнови, 16-годишниот Забир Захид вели дека со недели не јадел ништо освен компири и леб. Вели дека еднаш се обидел да премине во Унгарија, но бил вратен од унгарската полиција.

Захид додава дека е решен да стигне во Австрија и никогаш да не се врати во Авганистан.

- Во Авганистан се води војна. Не сакам да се борам. Сакам да живеам, не сакам да умрам, вели тој.