Македонија
13. April 2018 - 8:19

„Зик Зак Пуф“ - танцова претстава за деца

Во рамки на „Танц фест“  вечер од 18 часот во Македонскиот народен театар првпат ќе биде изведена танцова претстава за деца. Се работи за „Зик Зак Пуф“ на  танцовата компанија „Мафалда“ од Швајцарија, во кореографија на Тереза Ротермберг.

Претставата, наменета за деца од најмалку три години, е современа колоритна бајка во која постојат различни чудни суштества.

- Низ заедничко искуство тие сфаќаат дека се различни но и покрај тоа  можат да  комуницираат и во тоа гледаат предизвик. Разбираат дека нивната снага е во здруженоста и заедно ги надминуваат сите пречки и откриваат нови перспективи, дури и во најчудните ситуации. Претставата ни прикажува различни имагинативни карактери, кои низ прецизни епизоди ја раскажуваат приказната и создаваат незаборавна атмосфера и несекојдневно доживување, соопшти „Танц фест“. 

Тереза Ротемберг е кореограф со богато и различно искуство во креациите. Таа е постојан кореограф на танцовата компанија „Мафалда“ во Цирих, основана во 1999 година. Во последно време нејзиниот фокус е креирање претстави за деца и тинејџери, со кои патува низ светот. Работи и како гостин-кореограф во познати танцови компании и како кореограф во театарски продукции и опери. За претставата „Зик Зак Пуф“ ја добила престижната аргентинска награда за уметност „Атина“.

Во рамки на годинашниот „Танц фест“ се одржува и програмата за деца „Танцуваме со Виталија“ во која покрај деца од Македонија, учествуваат и  деца од Кина и Холандија.

Децата од танцовиот театар „Аварнес“ од градот Лешан од Кина пристигнаа во Скопје и од вчера имаат заеднички работилници за танц со децата од Македонија. Ним денеска ќе им се придружат и децата од Новиот танцов центар од Хаг, Холандија и во 15.30 часот на сцената „Зебра“  ќе имаат заендичка работилница за современ танц.

Децата гости на фестивалот вечер ќе присуствуваат на претставата „Зик Зак Пуф“, утре ќе настапат со посебна програма во Домот на култура „Ацо Шопов“ во Штип, а в недела ќе го посетат „Македонско село“ каде повторно ќе се дружат и ќе настапат заедно.