Македонија
1. February 2021 - 16:35

Зибери: Нема да бидам декор во општеството

По 16 години, Македонија доби ново лице кое треба да ги штити правата на граѓаните. Поранешниот кандидат за прв премиер Албанец и нотар Насер Зибери, денеска стапи на функцијата Народен правобранител. Смета дека годините поминати во политиката го опремиле за мандат кој ќе биде во служба на граѓаните, а не мандат во сервис на власта.

Даде свечена изјава во Собранието и порача – функцијата омбудсман нема да биде само декор во општествениот систем.  

“Јас во ниеден момент нема да потклекнам на влијанија, било политички, бизнис, економски или пак секакви други центри. Ќе се обидам во рамките на надлежностите што ми ги даваат Уставот и законите да останам достоинствен во одбраната и заштитата на правата на граѓаните, гарантирани со Устав и закон”

Народниот правобранител мора да го добие своето соодветно место во системот, а граѓаните да се здобијат со доверба во оваа институција. Ова се принципите на кои Зибери ќе ја темели својата работа.

Демантираше дека неговиот избор е проследен со поширока политичка заднина.

“Апсолутно, ова не е никаква награда. Сметам дека мојот досегашен ангажман е доволна гаранција за успешно извршување согласно на оваа многу важна функција за граѓаните законот и Уставот”

Зибери беше избран за омудсман на собраниска седница минатиот месец, но без поддршка од опозицијата. Го наследува Иџет Мемети, кој повеќе од деценија ја извршуваше функцијата.