Свет
3. November 2016 - 14:20

„Жртвата“ на екс-конгресмен Вејнер со остри критики кон директорот на ФБИ

Тинејџерката која тврди дека добивала „непристојни предлози“ со сексуална содржина од поранешниот американски конгресмен Ентони Вејнер, во отворено писмо остро го нападна директорот на Федералното истражни биро (ФБИ), Џејмс Коми.

Во отвореното писмо до јавноста на САД, девојката, која сега има 16 години, тврди дека со одлуката на Коми да објави делови од истрагата на ФБИ против Вејнер, таа била „фрлена“ на медиумите и на новинарите, кои и прикачуваат разни обвинувања.

Директорот на ФБИ минатата недела на десетина дена пред изборите во САД објави дека има „нови сознанија“ околу истрагата за мејловите на демократскиот претседателски кандидат, Хилари Клинтон, која беше затворена во јули со заклучок дека нема основа за покренување постапка против неа.

Вејнер е оженет за Хума Абедин, политички советник на Клинтон, која се раздели од него, откако беше обелоденето дека тој им испраќал сексуални пораки на тинејџерки и млади жени.

Во писмото до Коми, тинејџерката вели дека сега секој весник во САД, од најпознатите и најголемите, па до локалните, бара и прави приказна за неа и за нејзиното семејство.

- Зошто ви требаше тоа да го направите, токму сега, а да не чекате да завршат изборите, кога интересот за мене целосно ќе го немаше, вели девојката, остро забележувајќи му на директорот на ФБИ дека ја вовлекол во изборната трка и кампањата на двајцата кандидати.

Писмото се појави во интеренет весникот „Базфид“, а во него тинејџерката се жали дека сега е виновна и за пресвртот во рејтингот на претседателските кандидати и за можниот пораз на ХилариКлинтон.

Тинејџерката тврди дека Вејнер заведува и обесчастува млади девојки, обвинувајќи го директорот на ФБИ дека само помогнал таквите како Вејнер да се размножат и да се продолжи со таквото однесување на некои луѓе.

Писмото е потпишано со „девојка која ја загуби довербата во Америка“.