Ракомет
11. November 2017 - 17:13

ЖРК Вардар го „преживеа“ пеколот во Будимпешта

Вардар по вторпат триумфално се враќа од гостувањето во Будимпешта кај ФТЦ, овојпат со победа 29-28 (16-12) и „црвено-црните" го задржаа првото место во група Ц, и остануваме најуспешна екипа сезонава во ЛШ. Во следната фаза ќе пренесеме најмалку 6 бодови, од кои четири се од дуелите со ФТЦ.
 
 
Во Унгарија отпатувавме без Андреа Лекиќ која има повреда, но нејзиното отсуство и не се почувствува во најголем дел од играта. Домаќинките само еднаш имаа водство, на самиот почеток, 3-2. Во остатокот од средбата Вардар ја имаше иницијативата и водството, иако во еден дел од второто полувреме, му дозволивме на ФТЦ да се врати во игра и неколкупати да го израмни резултатот.
 
Веќе по 15 минути играње домашниот тренер мораше да бара тајм аут зашто Вардар водеше со 9-6. Доминираше Пенезиќ во нападот, одбраната затвораше сѐ навреме. Амандин лејно имаше четири одбранети топки, а на среден бек одлично се снајде и Татјана Хмирова која доби шанса да биде и стартер.
Лејно продолжи добор да брани, а вардарки при резултат на 10-8 за нас направија лоша измена, па ја загубија топката во напад и плус Чанаџија доби исклучување. Но, и со играч помалку Вардар постигна два гола, преку Ристовска и Цвијиќ, па имаше и водство 12-9. Вардар имаше решение за секоја ситуација, нападот разновивен и прецизен, а одбраната ги затвори најдобрите противнички ракометарки. Позитивата од четири голови, 16-12 беше потврда за нашата добра форма. Првото полувреме Вардар го заврши со ефикасност на нападот од 73 отсто, и одбранети удари на голманите од 40 отсто.
 
Вардар веќе беше добро залауфан на самиот почеток на второто полувреме, и во 34 минута прво Суслина одбрани пенал, а Цвијиќ постигна гол за водство 20-13. Најава за наш триумф, и нова можна катастрофа на ФТЦ.
Наместо да продолжиме во ист стил, за Вардар следуваше „црн период" од девет минути во кои ФТЦ направи серија и на секоја наша грешка постигнуваше голови. Од „плус 7" дојдовме во ситуација да му дозволиме на противникот да израмни, 21-21 во 47 минута. Во тој период Вардар имаше и три исклучувања, и повторно лоша замена по која ни ја одземаа топката иако ние бевме во напад.
Следните седум минути се играше „гол за гол", а ние имаме водство. Александра Лакрабер во овој период повеќепати ја превзема одговорноста, и постигнува два важни гола. Првиот во 51 минута под пасивна игра за наше водство 26-24, а потоа и оној за водство 29-26 во 59 минута.
 
Со овој триумф Вардар останува лидер со 10 бода, и сме единствен тим што е без загубен бод сезонава.
Во последното коло дом аиграме со германски Турингер.