Ракомет
16. February 2017 - 15:48

ЖРК Вардар ги продолжи договорите со три ракометарки

Три ракометарки на Вардар на кои во јуни 2017 година им завршуваат договорите со клубот, ќе ги продолжат договорите, информира македонскиот шампион.

Татјана Хмирова го продолжи договорот за дополнителни две сезони, исто како и Андреа Кликовац, а Барбара Лазовиќ ќе остана во Скопје уште најмалку една сезона.

Кликовац заедно со Ина Суслина се првите интернационалки што пристигнаа во Вардар уште во 2012 година, и се дел од сите успеси на екипата досега. Хмирова дојде во Вардар во 2013 година, а од 2014 на тимот му се приклучи и Барбара Лазовиќ.

Сите девојки беа дел од настапот на Вардар на Ф4 турнирите во лигата на шампионките каде „црвено-црните" ги освоија бронзените медали. Суслина и Кликовац освоија и четири шампионски титули во домашното првенство и три Купа, а Хмирова и Лазовиќ, освоија по три односно две двојни круни.

- Вардар го сочува тимот што сезонава е неприкосновен во Европа. Сметаме дека имаме добра комбинација на играчи кои имаат уште потенцијал во себе и можеме заедно да постигнеме уште повеќе. Сакаме да бидеме стабилен клуб кој ќе ги задржи сите што се вклопуваат во нашата стратешка цел – освојување на лигата на шампионите. Задоволни сме од нивните настапи, верувам во иднина ќе покажат уште подобри игри, вели Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Вардар е на првото место во Група А во главната фаза од Лигата на шампионките и на три кола до крај на регуларниот дел веќе обезбеди пласман во четвртфиналето. Се наоѓа во серија од осум победи по ред, и десет натпревари без пораз, што е нов клупски рекорд.

Во следното коло од ЛШ, Вардар на 26 февруари ја пречекува екипата на Будуќност.

 

фото: www.zrkvardar.mk