Македонија
4. March 2019 - 16:40

Жолчна расправа на противниците со поборниците на правото на жената на абортус

На попови и оџи денеска им беше забранет влезот во Собранието. Не им дозволија да присуствуваат на јавната расправа за законот за абортус, иако и тие имаат забелешки и не се согласуваат со новото законско решение. Од Комисијата за здравство се правдаат дека Македонија е секуларна држава и верски заедници можат да имаат свое мислење, но не и да одлучуваат во законодавниот дом. Сепак, кога се одлучуваше за Законот за трансплантација се бараше консултација и согласност и од нив. За дел од невладиниот сектор е исправна одлуката на парламентот да нема религиозни претставници на дискусијата.

- Па и ако ги навредам нема да згрешам, Господ е најголем непријател на жената, вели Уранија Пировска од Хелсиншки комитет.

Дали жената треба да има слободно право на абортус предизвика жестока расправа во Парламентот.  Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ застана зад новото полиберално законско решение, наспроти претставници од граѓански организации кои се против прекин на бременоста.

- Дојде живот ама не и за неродените бебиња. Зошто да не роди кога потоа тоа бебе може да биде дадено на посвојување, вели Светлана Јованова од Лидија – срце што чука.

- Јас имам син од 16 години, го родив на 25 години кога мои другарки излегуваа, но јас решив дека сакам да станам мајка. Овој закон е за доброто на сите жени и ги повикувам моите колешки од ВМРО-ДПМНЕ да дадат подршка, вели Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ.

Во образложението на законот, гинеколозите истакнаа дека жената нема да чека три дена за изведување на абортус а нема да оди и на задолжително советување. До деветтата недела ќе има и медикаментозна терапија за прекин на бреемноста.

- По 12-тата недела за абортус, лекарот може да побара мислење и од друг специјалист, додека по 22 недела ќе има првостепена комисија, изјави Ана Павлова Данева од Клиника за Гинекологија.

И додека денеска верските заедници беа исклучени од јавната расправа, за Законот за трансплантација се бараше консултација и согласност и  од нив.