Македонија
13. April 2019 - 16:21

Животот на три лица зависи од тоа дали ќе се јават донатори на коскена срцевина

Тројца млади болни од леукемија чекаат коскена срцевина за трансплантација за да бидат излекувани. Се надеваат дека ќе се најдат соодветни донори од земјава или странство.  Досега запишаните во македонскиот регистар околу 3300 хумани граѓани според типизацијата не се совпаѓаат и неможат да им помогнат, а спасители неможат да бидат ниту нивните блиски.  Од институтот за имунологија велат дека бројката на дарители по бројот на жители во земјава е трипати помала и треба да биде над 10.000, а за споредба во Хрватска имаат над 50.000.

- Се стремиме да ја зголемиме бројката на запишани доброволни дарители со што шансите за секој пациент во нашата земја да најде соодветен дарител би се зголемиле и се би одело многу полесно, изјави д-р Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика.

Токму за зголемување на бројот на дарители на коскена срцевина во регистарот надлежните почнаа кампања за зголемување на свеста за да може да се спасуваат човечки животи. 

-Востановена е стандардизирана услуга, еднаква по квалитет со онаа во европските центри, што пртетставува голем успех, изјави д-р Ирина Пановска Ставридис, директор на Клиниката за Хематологија.

Инаку за неполни 20 години во Македонија се направени над 500 трансплантации на коскена срцевина од сроден донор. Лани за прв пат беше изведено пресадување од дарител од странство, а тројца пациенти наместо да одат на лекување надвор  истата интервенција им беше направена на Клиниката за хематологија.

Здравствените власти рекоа дека се обезбедени  повеќе пари и за типизација и за трансплантација на коскена срцевина во државата.