Македонија
2. August 2017 - 8:55

Животот на Ченто како македонско премрежје

60 ГОДИНИ ОД СМРТТА И 115 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА МЕТОДИЈА АНДОНОВ ЧЕНТО - ПРВИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПРЕЗИДИУМОТ НА АСНОМ

Една фотографија ѝ ги врати сеќавањата на настаните точно пред 60 години на прилепчанката Марија Илијоска. Тогаш, летниот јулски ден далечната 1957 година таа била дел од тажната поворка низ прилепските улици. На последното почивалиште таа и нејзините сограѓани го испраќаа Методија Андонов Ченто, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, воедно и првиот македонски државник по ослободувањето 44-тата. Тогаш и не било многу препорачливо да се нагласува кој бил Ченто и какви заслуги имал. Болеста ја прекинала неговата 11- годишна затворска казна. Одлежал нешто повеќе од 9 години. 

Ченто  4

Тогаш 14 годишната девојка Марија ја носела сликата на Ченто во поворката. Сега соочена токму со таа слика тажно вели: -Јас сум таа што ја носи сликата на Ченто во поворката. Имав 14 години и бев дел од случувањата. Тажно беше за човекот кој од претседател и заслужен човек, стана непожелен, човек за кого се шепотеше, вели замислено, сега 75-годишната, Марија Илијоска.

Се навршија (24 јули) 60 години од смртта на Ченто. Во август (17) ќе се навршат 115 од неговото раѓање. Неговото семејство, прилепчани и јавноста деновиве ги враќаат сеќавањата. И тоа пред фото-изложбата на неговиот животен пат отворена во прилепскиот дом на културата на која неколку години работеше историчарот Рубин Белчески.

Ченто 0

Со децении неспоменуван, 30-ина години рехабилитиран, Методија Андонов Ченто, во секој случај, ја испиша поновата македонска историја. Oстанува неизбришливо забележан како првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, воопшто, првиот државник на Македонија по Втората светска војна, недвосмислено вели историчарот Белчески. Неговиот живот е парадигма на маките на македонскиот народ.

- Ченто е една од најистакнатите личности од поновата историја на македонскиот народ. Интересна е неговата биографија. Се раѓа во време на „турскиот“, живее за време на „српскиот период“, неговите активности се и тогаш, и во текот на „окупацијата“ и во Народноослободителната борба. 10-ици пати е затворан, протеруван. И пред Револуцијата и за нејзино време, финансиски го помага партизанското движење. Најзначајно - Ченто е првиот претседател на Президиумот на АСНОМ од 1944 до 1946 година. И прв македонски државник. Преку неговата биографија, следиме дел од „биографијата“ на македонскиот народ, периодите на окупација, влијание од соседните држави, објаснува Белчески при заедничката „прошетка“ низ животот на Ченто преку фотографиите за него. Но што е тоа што досега не е споменувано многу за Ченто.

Ченто  2

- Факт е дека Ченто е осуден и страда поради идеите за слобода на Македонија, па и за една обединета Македонија низ друга форма во период кога Југославија, со Македонија во неа, се градела на федеративен принцип. Сите ја гледаале, условно речено Чентовата „грешка“, но од денешен аспект то ги покажува неговата голема љубов, патриотизам и правда за својот народ и држава. Добива неверојатно висока казна од 11 години, од кои одлежува околу 9 години. Крајот на осумдесеттите и почетокот на 90-ите години од минатиот век, почнува процесот на негова рехабилитација, на повлекување на обвиненијата кон него, поништување на судската одлука од 1946 година. Но, од друга страна, мислам дека не е доволно познато дека Ченто многу добро ги познавал историјата на македонскиот народ и економските прилики. Ченто пишува статија пред одржувањето на заседанието на АСНОМ во 1944, во која на едноставен начин ги презентира генезата на историјата на македонскиот народ низ вековите и неговите предлози за економско зајакнување на македонската држава. Мислам дека треба да се печати таа статија како брошура за да се знае колкави широки познавања имал. Но многу е битно, иако му забележувале дека доцна се вклучил „во партизаните“ во 1943- година, дека Ченто цело време го помагал напредното партизанско движење, а неговите контакти со еден од иделолозите на Револуцијата - Кузман Јосифоски Питу доведуваат тој да излезе „во партизани“. Тоа, ми се чини, е една од пресвтниците за зајакнување на партизанското движење. Било инспиративно за другите интелектуалци тоа што Ченто на 41-година, семеен човек со четири деца, дирекно се вклучува. Ако тој можел, размислувањето било дека може секој да се вклучи. Тоа е една од пресвртниците за пораст на партизанското движење, вели Белчески.

Ченто  3

Ќерката на Методија Андонов Ченто, Марија Јакимоска секогаш е активна кога се случува нешто битно за нејзиниот татко. И при објавувањето на преку 200 фотографии за него, дел вели непознати и за неа, ѝ се враќаат сеќавањата - за страдањето на нејзиното семејство. За неа 60 години се малку да се избрише неправдата.

- Не можам да ги заборавам страдањата на нашето семејство. На мајка ми која сама се бореше за нас, на татко ми неправедно осуден в затвор. Мило ќе ми биде татко ми да остане запаметен од генерациите за сѐ она што направил за својата татковина и за својот народ. Се рехабилитира неговото име, но за мене, треба да се дознае, а не се кажа, името на оној кој го однесе татко ми в затвор. Во секој случај јас сум бескрајно горда на него, вели емотивно Марија, ќерката на Ченто.

Ченто  5

Фотографиите ги поткрепуваат и ги бистрат сеќавањата. Така е и со сите траги втиснати на фотографскаста хартија за Чентовата животна приказна. И книгите за Ченто се вонвременски сведок, заедно со архивските документи, списи, факти. Но, за разоткривање на вистината за една личност, секогаш има можност да се направи повеќе. Таква е и идејата на историчарот Рубин Белчески од прилепскиот музеј - да се издаде фото-монографија за животот на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, за првиот македонски државник по Ослободувањето. За да им ја раскаже приказната на новите генерации. И да им ги пренесе, вели, големиот патриотизам и љубовта на Ченто кон својот народ.

Елизабета Митреска/МИА

Како се создаваше македонската држава, за последните борби за ослободување од фашизмот, за АСНОМ и првата македонска влада како и за прогонот на Ченто погледнете го видеото:

https://