Македонија
10. April 2016 - 10:09

„Животот е прекрасен“ - премиера на Македонскиот народен театар

Македонскиот народен театар вечер премиерно ќе ја изведе претставата „Животот е прекрасен“ од Николај Ердман, во адаптација и режија на познатиот бугарски режисер Александар Морфов. Новата премиера МНТ ја најави како претстава „што ќе ве расплаче и ќе ве насмее до солзи“, во која во фокусот е малиот и обичен човек - неговите желби, стравови и страсти.

Наместо „Дон Кихот“, како што првично беше најавен проектот на МНТ со Морфов, тој е насловен „Животот е прекрасен“ откога режисерот ги изгледал претставите на нашиот театар и се запознал со ансамблот. Одлучил дека „Животот е прекрасен“ е „по мерка на овој ансамбл“.

- Почнуваме да ја губиме смислата на животот. Политиката стана најужасно нешто, свет со народ кој се занимава со пари и со самиот себе. Во таа смисла „Животот е прекрасен“ ми се чинеше дека е понеопходно, да му се даде нешто и на малиот човек, дека и тој треба да живее. Треба да стигне до пеколот за да сфати што е најважно, рече Морфов на прес-конференција по повод премиерата.

Бугарскиот режисер со меѓународна кариера, кој оваа претстава со македонскиот ансамбл ја подготвува три месеци, рече дека е задоволен што повторно работи во пријателска Македонија и одново соработува со, како што рече, омилените актери Никола Ристановски, Николина Кујача, Звездана Ангеловска.

Не сакаше да зборува за крајниот резултат и за оценката на критиката зашто нему, рече тој, најважен му е креативниот процес.

- За мене нема ништо поубаво од тоа процесот на работа да е креативен и секој ден да се изненадуваме со нови идеи и предлози, независно од критиката. Важно е што чувствуваме ние. Овде тоа се случи во прекрасна форма и се надевам дека претставата ќе биде достојна на нашиот труд. Мора да се уважува трудот, напорот и желбата на актерот да излезе на сцена и да покаже што знае, рече Морфов.

Директорот на МНТ Дејан Пројковски рече дека останал без здив гледајќи ја генералната проба на три и полчасовната претстава и дека 10 април ќе биде празник за МНТ. Покрај вечерашната, гала-премиера, МНТ најави уште две премиери на „Животот е прекрасен“ - на 15-ти и на 16 април.

- Претставата е многу слоевита и шокантно е што од минута во минута ве прави и многу среќни и многу тажни, каков што е и животот. Морфов, кој е еден од најголемите европски режисерски имиња, во оваа претстава ја вградува сопствената естетика. Нејзиното поставување е остварување на голем сон и важна точка за МНТ во потрагата на креативни предизвици, рече Пројковски.

Во актерската екипа се: Никола Ристановски, Николина Кујача, Звездана Ангеловска, Сашко Коцев, Тања Кочовска, Емил Рубен, Гораст Цветковски, Славиша Кајевски, Никола Ацески, Александар Ѓорѓиоски, Арна Шијак, Тина Трпкоска, Александар Микиќ, Никола Стефанов, Кире Ѓоревски, Александар Михајловски, Марија Новак, Драгана Левенска, Никола Кимовски, Марија Димитрова, Анастазија Христовска и Соња Крстевска.

Сценографијата е на Никола Тороманов од Бугарија, костимограф е Марија Пупучевска, кореограф Инга Красовска. Учествува и петчлениот оркестар „Раскрши се“.