Македонија
15. јуни 2020 - 17:07

Жителите на Ресен во страв, продолжениот карантински викенд за нив е главен виновник за ширење на заразата

После 100 дена ниту еден позитивен случај на Ковид 19, на 10 овој месец во Ресен беше регистриран првиот заболен. Вчерашната бројка пак беше загрижувачка, регистрирани беа 14 случаи. Ресенчани велат дека живеат во страв и ги почитуваат мерките, а појавата на Ковид 19 во нивниот град велат дека се должи на претходниот карантински викенд.

-Она што е од нас треба да ги почитуваме, тука немаше, што е работата. Се зборува дека е од другите краишта влезе тука, ништо немаше, чисто беше во Ресен, сега гледам луѓето се уплашени, не излегуваат, кафаните повеќето се затворени, изјави жител на Ресен.

-Откако се рашетаа насекаде народот, има. Вчера 14, денес не знам. Од малку дојде многу, изјави жител на Ресен.

-Почитуваме сега, но од страв, Толку време бевме слободни, изјави жител на Ресен.

-Едвај седиме, со илјада стравови. Сега се почитуваат мерките. Овде живот беше, затоа сите дојдоа, од Скопје, од секаде, ко беше карантин, Претор полн беше, изјави жител на Ресен.

Денеска во Ресен има 6 нови заболени од Ковид 19. Од вкупно 19 случаи во Ресен регистрирани до вчера, 10 се асимптоматски и се во домашна изолација, осум се хоспитализирани во стабилна состојба и еден е починат, информираше градоначалникот Гошаревски. Тој денес свика итна седница на Кризниот штаб.

-Овој резултат беше очекуван, од мене и Кризниот штаб, претходно беше направен скрининг на поголем угостителски објект каде беше утврден позитивен. Деновиве беа направени повеќе од 30 тестови за Ковид, очекувам демнес и утре да бидат зголемени, а после да следува смирување на целата ситуација. Ние сме мало гратче, ние секој со секого имаме секојдневно контакт. Епидемиолозите се уште се на терен, прават истражување и анализа, попрецизни ќе имаме наредните денови, изјави Живко Гошаревски, градоначалник на Ресен.

Гошаревски вели дека ресенчани се многу одговорни во почитувањето на мерките, но не се согласува со нив дека заболените се резултат на продолжениот викенд.

-Оние задачи кои си ги дадовме пред продолжениот викенд и она од извештаите го добив, Ресен за разлика од Охрид, Струга, Дојран немаше поголемо движење, немаше групирање, немаше прекршувања на полицискиот час, не би рекол дека е резултат на тој викенд, вели Гошаревски.

90 лица кои биле во контакт со позитивните на Ковид 19 се под здравствен надзор. Со цел да се намалат контактите и групирањето, погоните на трите најголеми погони во Преспа од денес ќе прекинат со производство. Поголем број угостителски објекти најавија дека ќе прекинат со работа. Исто така, превентивно е затворена и матичната служба во општината каде се чека резултат од тестираните.