Македонија
17. December 2015 - 14:19

Жителите на Карбинци избраа три приоритетни проекти за 2016 година

Жителите на Општина Карбинци на петтата Форумска сесија ги избраа трите приоритетни проекти, кои треба да се реализираат од буџетот на Општина Карбинци за 2016 година.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Зоран Минов истакна дека трите највисоко рангирани проекти се изградба на локален пат од село Радање до археолошкиот локалитет „Баргала“, чија инвестиција изнесува 12.249.000 денари, потоа реконструкција на Пречистителна станица и колектори во селото Радање, вредноста на овој проект е 600.000 денари. Третиот приоритетен проект е проектни активности за пречистување на водата од заматување во селото Радање и чини 150.000 денари.

- Ова е за првпат буџетот на Општина Карбинци да се проектира на овој начин, со една јавна и транспарентна постапка, во која се вклучени граѓаните. Граѓаните предложија многу предлог проект, а на изминатите форумски сесии разграничивме кои проекти се во надлежност на локалната, а кои на централната власт, вели Минов.

Тој додава дека жителите на Карбинци како приоритетни проекти ги имаат и наведено изградба на zелен пазар и на sточен пазар, како и асфалтирање на повеќе улици. Буџетот на Општина Карбинци за наредната година основниот буџет за 2016 година ќе изнесува над 125 милиони денари.  

Драгана Митровиќ модератор на Форумската сесија за избор на приоритетни проекти и проектирање на буџетот на Карбинци за 2016 година истакна дека направена е листа на проектите,кои во текот на наредната година и градоначалникот и советниците ќе треба да ги изгласаат и да ги реализираат. Форумските сесии во оваа мала рурална општина се подржани од швајцарската Агенција за развој и соработка и ЗЕЛС.