Македонија
16. September 2020 - 19:58

Жителите на Јурија доиставија барање во општината за промена на ДУП

Граѓаните влегоа во легална битка против општина Ѓорче Петров. Ќе никне ли на овој простор 60-метарска висококатница со 800 станови или ќе се преразгледува спорниот урбанистички план?

По саботниот протест, денеска ревидирање на предвидениот ДУП побараа од Иницијативата против урбано дивеење. Велат ќе ги искористат сите правни средства против планот кој предвидува населување на нови три илјади жители во масивниот блок кој треба да се гради во месноста Јурија.

Барањето до градоначалникот и до Советот на општината содржи три точки:

“Намалување на катноста на зградите и укинување на одредбата што дозволува висина од 58 метри или 17 ката, да се намали бруто развиената градежна површина која сега изнесува 90.000 квадратни метри и 800 станови, како и да се намали опфатот на градежната површина и да се зголеми површината за зеленило”

Во Јурија засега не се гради. Од општината тврдат дека одобрение се уште не е издадено. Тие убедуваат дека овој објект нема да влијае на животната средина.

“Градбата нема да изгледа како ѕид и протокот на воздух нема да биде спречен. Воедно, значаен дел е одделен за зеленило. Почитувани се сите процедури и обезбедени се согласности и позитивни мислења од сите релевантни институции”, се вели меѓудругото во реакцијата на општина Ѓорче Петров.

Барањето за ревизија на урбанистичкиот план не се најде на денешната седница на Советот. Ваквата точка на предлог од советниците од ВМРО ДПМНЕ била одбиена од советниците на СДСМ, а официјалното образложение е дека за нејзина расправа е потребна подетална подготовка.

Ревидирањето на ДУП-от во Јурија, како што велат од општината, ќе се разгледува на некоја од наредните седници.