Македонија
16. May 2021 - 16:41

Жителите на „Даме Груев“ обвинуваат дека некој се обидува да го избрише името на населбата

Наместо да се гордеат со името на револуционерот, жителите од скопската населба Даме Груев добиваат документи каде пишува дека живеат во Ново Село. Иако според одлука објавена во Службен Весник нивната населба речиси 35 години се вика Даме Груев, сега во нивните документи е впишано ново живеалиште. Во знак на револт блокираа една од раскрсниците во нивната населба.

“Остарев во Даме Груев. И никој пат не сум бил Ново Село, туку сум бил во Даме Груев. Убава населба со убаво име. Што е проблемот сега? Кому му смета имево?
Не бидува тоа. Оваа населба е Даме Груев. Убаво име, наше, револуционерно и ќе си остане Даме Груев. Да не се занесува никој дека може да смени”, вели Богољуб Ѓурчиновски, поранешен претседател на урбана заедница Даме Груев.

“На некој му пречи името Даме Груев и го менуваат, еве, во Ново Село. Дури имаме лични карти и на Кисела Јабука”, вели Раде Милески, претседател на урбана заедница Даме Груев.

“Ви го покажав документот, новото име е Ново Село. Ние протестираме и нема да дозволиме да се промени името и бараме во документите и во сите дописи да стои името на урбаната заедница Даме Груев. Ако сме Ново Село, како што не нарекуваат сега, тогаш треба да има промени и да не плаќаме комуналии за урбана заедница. Тогаш ние сме рурална заедница за каде важат други закони”, вели Игор Антовски.

Револтирани од промените повеќе од една година бараат помош од институциите. Се обратиле до Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, општина Ѓорче Петров, Град Скопје, па дури и до Парламентот, но неуспешно. Проблемот стигнал и до Народниот правобранител.

“Јавниот правобранител ја покрена постапката, добивме одговори и од него дека бараат тие од Општина Карпош и Градско Собрание да се смени тоа и да ни го дадат нашето име. Меѓутоа, и понатаму гледам дека не се прифаќа Даме Груев”, вели Раде Милески, претседател на урбана заедница.

Градоначалникот на Скопје не знае за ваквата промена и одговорноста ја префрли на Управата за водење матични книги.

“Нумерацијата и локацијата ги врши Управата за водење матични книги. Градот Скопје не е институција ниту, пак, општината Ѓорче Петров не е институција која што ги определува податоците, кои што Службата за матично заедно со МВР ги внесува податоците во документите”, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Со овој проблем се засегнати околу 8.000 жители. Велат дека нема да се откажат и ќе ги употребат сите правни можности за во личните документи да го добијат името на населбата Даме Груев.