Македонија
22. July 2021 - 14:56

Жители на три села ќе ја блокираат изградбата на експресниот пат Штип – Кочани

Жителите на селата Спанчево, Соколарци и Бања во општина Чешиново-Облешево, в сабота ќе организираат протест и ќе ја блокираат изградбата на експресниот пат Штип – Кочани.

Блокадата ќе биде на клучката кај селото Спанчево, а причината е што со комплетирањето на новата сообраќајна инфраструктура тие ќе останат без пристап до земјоделските површини.

-Месните заедници од трите села повеќепати реагираа, упатија писмени и усни барања до општина Чешиново-Облешево, до инвеститорот, до изведувачот и надзорот на градежните работи, да се обезбеди траен пристап до нивите. Не е добиен никаков одговор од ниту една страна. Поради тоа, како предупредување, ќе ја блокираме механизацијата на изведувачот, со што очекуваме нашиот проблем сериозно да биде сфатен и да се најде соодветно решение, истакнуваат организаторите на протестот.

Протестот е уредно пријавен кај надлежните органи и ќе трае два часа, а организаторите очекуваат разбирање и прифаќање на нивните барања.

Половина од експресниот пат Штип – Кочани е завршена и е во функција до селото Крупиште, а интензивно се изведуваат градежните работи на втората делница до влезот на Кочани. Според најавите се очекува новата сообраќајна врска, со вкупна должина од 27 километри, да биде готова до крајот на годината.