Македонија
13. September 2020 - 16:39

Жители на Топанско поле се дават во фекалии, општината шест месеци им ветува промена на пукнатата цевка

Поради пукната цевка за одвод, 20 семејства од Топанско поле шест месеци живеат во зграда која е опколена со фекалии.  Гаражите и подрумите во зградата со број 66 на улицата Благоја Паровиќ се поплавени, а неподносливата мирисба се шири низ целото маало.

Барале помош и од Водовод и од општина Чаир. Тврдат дека општината не презема ништо, единствено Водовод на своја добра волја еднаш во неделата ги чисти фекалиите. Но, и кога работниците од Водовод ќе ја завршат работата, за само неколку часа подрумите повторно се поплавуваат.

- Дојде градоначалникот на Чаир пред изборите. Ветуваше дека ќе направи, правеше се само за да добие поени. Пројдоа изборите и оттогаш наваму нема ништо. Цефката е пукната и ние се давиме во измет, во сопствениот измет, вели Марјан Јакимоски.

- Ова што се случи со изливот на отпадните води го загрозува животот на сите станари што сме тука. Од двете згради, отпадните води и од другата зграда до нас се изливаат и излегуваат овде, и во подрумите и во гаражите, вели Александар Димитров.

Станарите велат дека навечер не можат да спијат со отворени прозорци поради неподносливата миризба. Но, поради фекалиите имаат проблеми и со инсекти, па се жалат и на голем број на убоди од комарци.

Од Водовод признаваат дека чистењето на фекалиите не е трајно решение за проблемот.

- Неопходно е да се направи санација на приклучната цевка со што трајно би се решил проблемот, велат од Водовод.

Цевката е во надлежност на општината, а оттаму велат дека работат на што е можно побрзо решавање на проблемот. Сепак, на прашањето дали ќе ги покријат штетите на станарите не добивме одговор. А штетите се големи со оглед на тоа што дури шест месеци чекаат санација на цевката.