Македонија
3. December 2019 - 14:50

Жители на Карбинци протестираа против црпење песок од коритото на Брегалница

Жителите на село Карбинци утрово излегоа на протест, бараат локалната фирма „Џоле транскоп“ од соседното село Таринци да го стопира црпењето песок од коритото на реката Брегалница. Претседателот на Месната заедница, Марјан Стојанов вели дека со црпењето на песокот им се загрозува нивото на водата во бунарите од кои се снабдуваат со вода за пиење.

Мештаните кои утринава протестираа, сметаат дека и со црпењето на песокот дел од нивите ќе им се спуштат во речното корито.

-Досега компанијата има однесено околу 300 камиони песок. Тоа можеме да ви го докажеме и со слики и доказ имаме со видео, каква е моментално и каква била. Копаат, дупки прават, а имаме деца кои можат да паднат во речното корито, ќе помине и некој на риби ќе се излаже и ќе пропадне во големите дупки. Не се уредува речното корито, изјави Стојанов.

Околу 200 жители од селото Карбинци се потпишани на петицијата со која се бара да се стопира црпењето на песокот и да се одземе дозволата на фирмата што работи на терен. Тие доставиле барање и до Антикорупциската комисија за да утврди дали има судир на интереси, бидејќи дозволата за црпење песок ја има добиено фирма што ја раководи мајка на вработен во АД Водостопанство.

Мештаните кои денеска протестираа со своите трактори и земјоделска механизација застанаа и пред општинската зграда на Карбинци, каде што беа инспекторот од Министерството за животна средина и претставник на Водостопанство.

Секретарот на Општина Карбинци, Делчо Стоилов рече дека Општината нема ингеренции за овој случај. Според него, можеби реакциите на жителите се оправдани бидејќи претходно со нив не е направена консулатција и не се информирани оти е издадена дозвола за црпење песок. – Општина Карбинци воопшто не учествуваше во давање какво било мислење или препораки за издавање на дозволата. Единствен документ што го има издадено Општина Карбинци е согласност за користење земјоделски патишта, информира Стоилов.

Андреа Најденовски, овластено лице за продажба на песок во АД Водостопанство, истакна дека на терен се работи согласно законот и дозволата за работа. – Не случајно се црпи песокот од тој дел на речното корито, за да не дојде до поплавување. Од тој дел на коритото досега се исцпрени 535 кубика песок во период од 2 октомври до 25 ноември. Досега во коритото се направени и два прага, објасни Најденовски.

Прашан дали има судир на интереси, бидејќи фирмата која го црпи песокот е на родител на нивен вработен, Најденовски вели дека се консултурале со правниците кои констатирале дека нема судир на интереси, бидејќи лицето не е раководител, туку е референт во АД Водостопанство.