Македонија
22. јуни 2019 - 16:51

Жител на Добрејци осомничен за убиството на струмичанецот Ристо Илјашев, пронајден во метално буре

Струмичанецот Ристо Илјашев кој од почетокот на мај се водеше како исчезнат бил убиен. Неговото тело е пронајдено во метално буре во водите на браната Турија. Според информациите со кои денеска излегоа јавното обвинителство и полицијата бурето во кое се наоѓало телото претходно  било оштетено и во него поставени тегови со цел да се задржи под водата.  За свирепото убиство е осомнничен 52 годишен жител од селото Добрејци на кого му е изречена мерка притвор од 30 дена.

,, По наредба на јавен обвинител  беа преземени повеќе дејствија, извршени се претреси  на повеќе локации, организирана е опсежна потрага по исчезнатото лице особено во реонот на браната Турија, каде е забележано возилото на осомничениот.  Обезбедени се и други материјални докази. Дополнително во работилницата сопственост на осомничениот во село Добрејци пронајдени се биолошки траги кои потекнуват од жртвата. ,, рече Хризантема Рендевка, портпарол на СВР Струмица.

Осомничениот со жртвата се познавал од претходно. На критичниот ден тој се понудил да го превезе со својот автомобил Фиат пунто. Од тој момент на Илјашев му се губи секаква трага и тој повеќе од еден месец се водеше како исчезнато лице.

,,Осомничениот М.В. кривичното дело го извршил на начин што го искористил долгогодишното познатство со оштетениот Ристо Иљашев и на подмолен начин го лишил од живот, при што трагите од извршениот грозоморен чин се обидел да ги сокрие на начин што телото на жртвата го ставил во метално буре и го потопил во водите на вештачкото езеро „Турија“ во Струмица.,, информираше Рендевска.

Откако беше пронајдено телото по наредба на јавен обвинител, извршена е  ДНК анализа со која се утврдило дека починатото лице е исчезнатиот Илјашев. Тој бил уличен препродавач на девизи, но како што соопштија од обвинителството кај него не биле пронајдени околу 26.000 евра кои, според неговите блиски, ги носел со себе на денот кога исчезнал. За сега нема инфромации дали е познато кои биле мотивите поради кои е извршено убиството. Од надлежните иституции само информираа дека се преземаат доплнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот.